Постојат шест промени што се случуваат во телото ако секојдневно консумираме мед.
Медот е многу повеќе од обичен засладувач – се смета за вистинска суперхрана која содржи бројни корисни состојки за организмот. Поради тоа често се поставува прашањето какво влијание може да има секојдневната консумација на мед врз здравјето. Експерти за исхрана зборуваа за порталот „marthastewart.com“ за придобивките од медот и за начинот на кој тој делува на телото кога редовно се консумира.
„Дневниот внес од една до две лажички (околу 5 до 10 грама) генерално се смета за безбеден и корисен за повеќето луѓе. Оваа количина обезбедува антиоксиданси и други хранливи материи без да се додава премногу шеќер во исхраната“, вели нутриционистката Лорен Манакир.
Во продолжение се дел од најважните начини на кои секојдневната консумација на мед може да влијае врз организмот.

Ја намалува воспалителноста во организмот
Медот содржи полифеноли и флавоноиди – растителни антиоксиданси кои помагаат во борбата против оксидативниот стрес преку неутрализирање на слободните радикали во телото. На тој начин може да придонесе за намалување на воспалителните процеси и да го поддржи општото здравје, објаснува Манакир.
„Овие соединенија припаѓаат на истата група како и оние што се наоѓаат во јагодесто овошје, маслиновото масло и темното чоколадо“, додава нутриционистката Александрија Зозос.
Според неа, потемните видови мед, како што е медот од хељда, имаат поинтензивна боја и посилен вкус, но и посилно антиоксидативно дејство во споредба со посветлите сорти.
Може да помогне во регулирање на шеќерот во крвта
Медот содржи природна комбинација од глукоза (околу 34 проценти) и фруктоза (околу 39 проценти), а притоа е богат со антиоксидативни и противвоспалителни соединенија. Поради тоа може да предизвика поповолен метаболички одговор во организмот во споредба со рафинираниот шеќер.
„Истражувањата покажуваат дека замената на вообичаените засладувачи со мед може до одреден степен да ја подобри чувствителноста на инсулин и гликемискиот одговор, дури и кај лица со дијабетес“, вели Зозос.
Сепак, медот има умерен гликемиски индекс, кој се движи меѓу 50 и 60, што сè уште е пониско отколку кај рафинираниот шеќер, додава Манакир.

Го поддржува здравјето на цревата
Медот содржи пребиотички соединенија и полифеноли кои ги хранат корисните бактерии во цревата и помагаат во одржување здрава цревна флора.
„Некои видови мед, особено сировиот и минимално преработениот мед, содржат мали количини ензими и други соединенија кои можат да придонесат за здравјето на дигестивниот систем“, објаснува Манакир.
Новите истражувања исто така покажуваат дека медот може значително да ја зголеми стапката на преживување на пробиотиците, додава Зозос.
Го подобрува вкусот на храната
„Неодамнешна студија која користеше модели за комбинирање на намирници покажа дека медот може да го подобри вкусот на многу медитерански јадења, а притоа да не ја наруши нивната нутритивна вредност“, вели Зозос.
Особено добро се комбинира со намирници како риба, лиснат зеленчук и интегрални житарки.

Поттикнува побрзо заздравување и го ублажува кашлањето
„Докажано е дека медот може да помогне во смирување на кашлицата и да го забрза заздравувањето на раните“, вели Манакир. „Кога имате кашлица, медот го обложува грлото и може да ја намали иритацијата.“
Поради своите природни антибактериски и смирувачки својства, медот со векови се користи и како природен лек во народната медицина.
Обезбедува долготраен извор на енергија
„Ова е една од најпрактичните и научно потврдени предности на медот. Неговата природна комбинација на глукоза и фруктоза е идеална за енергија: глукозата брзо влегува во крвотокот и обезбедува моментален извор на гориво, додека фруктозата се разградува побавно и обезбедува подолготраен енергетски ефект“, објаснува Зозос.
Истражувањата покажуваат дека медот може да биде подеднакво ефикасен како комерцијалните енергетски гелови во одржување на нивото на шеќер во крвта и поддршка на физичките перформанси за време на долги тренинзи, а притоа организмот често го апсорбира полесно.











