[ФОТО] Големо враќање на Селин Дион: Поставени плакати што најавуваат спектакл

Точка

24/03/2026

20:25

422

Големина на фонт

а а а

Музичката дива Селин Дион е подготвена за големо концертно враќање во Франција, откако во 2024 година воодушеви со изведбата на песната на Едит Пјаф – „Hymne à l’amour“ на отворањето на Олимписките игри во Париз, потврди „Variety“.

Веста за нејзиното враќање беше најавена со разиграна кампања со плакати на кои се наоѓаат наслови од култните хитови на Селин, како „Pour que tu m’aimes encore“ и „The Power of Love“, а кои се поставени ширум Париз.


Се очекува Дион да одржи низа концерти во париската „Ла Дефанс Арена“, почнувајќи од оваа есен. Како што објави францускиот „La Presse“, Дион ќе одржува по два концерта неделно во септември и октомври, во сала со капацитет од 40.000 места.


Концертите на музичарката во Париз првично биле планирани за 2020 година, во рамки на нејзината турнеја „Courage World Tour“.


Меѓутоа, биле одложени поради пандемијата, а потоа дополнително поместени поради здравствените проблеми на Селин. На пејачката во 2022 година ѝ бил дијагностициран синдром на вкочанета личност, ретко невролошко и автоимуно нарушување кое предизвикува вкочанетост на мускулите и влијае врз способноста за одење и пеење.


Нејзината борба со ретката болест е документирана во нејзиниот документарец „I Am: Celine Dion“ од 2024 година, во кој се прикажани најтешките моменти низ кои музичарката поминувала во изминатите години. Дион претходно изјавила дека во нејзиниот случај болеста напредувала, поради што има тешкотии и со наједноставните секојдневни активности.


Минатата година открила дека поставила СОС-копчиња во својот дом, како дополнителна безбедносна мерка во случај состојбата да ѝ се влоши. Освен тоа, рекла и дека нејзините 15-годишни синови, Еди и Нелсон, се запознаени со постапките во случај да ѝ биде потребна итна помош.

„Имаме СОС-копчиња во куќата и тие знаат како да ме свртат на страна. Идејата не беше да ги исплашам, туку да разберат што да направат ако ми затреба помош“, објаснила Дион.


Инаку, таа е една од најпродаваните музичарки на сите времиња. Нејзиниот најголем хит „My Heart Will Go On“, кој се прослави со филмот „Титаник“ од 1997 година, освои Оскар, Златен глобус и четири Греми награди.