Организаторите на Изборот за песна на Евровизија соопштија дека првото азиско издание на ова меѓународно музичко натпреварување ќе се одржи на 14 ноември во Бангкок.
Меѓу првите 10 земји учеснички се Јужна Кореја, Бангладеш, Бутан, Камбоџа, Лаос, Малезија, Непал, Филипини, Виетнам и домаќинот Тајланд, додека организаторите наведуваат дека во наредните месеци на натпреварувањето би можеле да му се приклучат и други држави, пренесе Ен-Би-Си. Правилата на новото натпреварување сè уште не се објавени.

На европската Евровизија, националните радиодифузери ги избираат изведувачите кои на сцената изведуваат оригинална песна во траење до три минути.
Директорот на изборот за песна на Евровизија, Мартин Грин, изјави дека покренувањето на азиското издание е особено значајно во годината кога се одбележуваат 70 години од основањето на натпреварувањето, додавајќи дека Азија е регион „богат со култура, креативност и музички талент“.

Иако регионалните сили Кина и Јапонија засега не учествуваат во азиското издание, аналитичарите наведуваат дека и новото натпреварување би можело да биде под влијание на геополитиката, со оглед на регионалните спорови како што се тензиите меѓу Тајланд и Камбоџа или територијалните претензии во Јужното Кинеско Море.
Идејата за азиска верзија на Евровизија постои уште од 2008 година, но досега не беше реализирана.

Организаторите проценуваат дека новото натпреварување би можело да привлече публика од повеќе од 600 милиони луѓе, што е значително повеќе од околу 166 милиони гледачи кои го следеле последното европско издание.










