Европска комисија предупреди дека енергетските последици од војната на Блискиот Исток ќе се чувствуваат подолго време и најави пакет мерки за помош на граѓаните и компаниите.
Еврокомесарот за енергија Дан Јоргенсен изјави дека предлогот ќе вклучува намалување на даночните стапки за електрична енергија и тарифи за преносните мрежи.
„Не треба да имаме илузии дека последиците од оваа криза за енергетските пазари ќе бидат краткотрајни, затоа што нема да бидат“, изјави Јоргенсен по виртуелниот состанок на министрите за енергетика на земјите членки на ЕУ.
Според него, цената на гасот во ЕУ од почетокот на конфликтот на Блискиот Исток пораснала за околу 70 отсто, а на нафтата за 60 отсто. Само за еден месец, за увоз на фосилни горива биле потрошени дополнителни 14 милијарди евра.
Јоргенсен повика земјите членки да реагираат координирано, со мерки што ќе бидат целни и привремени, но истовремено да не се заборави долгорочната цел – целосна енергетска независност од увозни фосилни горива.
„Оваа криза уште еднаш покажува дека Европа се соочува со суштинска ранливост на надворешни енергетски шокови, што е поврзано со зависноста од увоз на фосилни горива“, рече тој.
Во обраќање кое потсетува на раните денови на КОВИД-19, Јоргенсен оцени дека Европа се наоѓа во „многу сериозна ситуација“ за која не се гледа крај.
„Дури и утре да дојде мир, враќање во нормала нема да има во блиска иднина“, изјави тој.
Еврокомесарот ги повика граѓаните да штедат гориво, особено дизел и авионско гориво, и потврди дека Брисел сака Европејците помалку да патуваат.
Како мерки, тој ги наведе препораките на Меѓународна агенција за енергија, меѓу кои: работа од дома каде што е можно, намалување на ограничувањата на брзината на автопатите за 10 км/ч, поттикнување на јавен превоз, воведување систем пар-непар за возила, споделување превоз и поекономично возење.
Долгорочно, Јоргенсен повика на засилени инвестиции во обновливи извори на енергија.
Неговите изјави доаѓаат во време на растечки страв од глобална енергетска криза која би можела да ги надмине нафтените шокови од 1970-тите и да има економски последици слични на пандемијата.
Од почетокот на нападите врз Иран од страна на САД и Израел пред повеќе од еден месец, цените на нафтата и гасот пораснале до 70 отсто, бидејќи дел од глобалното снабдување е блокирано во Персискиот Залив.
Состанокот на министрите за енергетика завршил без конкретни одлуки, но Европската комисија најави дека наскоро ќе објави пакет мерки за целата Унија.












