Тајгер Вудс призна дека има проблем: „Одам на лекување“

Точка

01/04/2026

11:39

694

Големина на фонт

а а а

Ќе му се суди и за предизвикување материјална штета и одбивање да се подложи на задолжително тестирање за алкохол.

Тајгер Вудс изјави дека ќе „направи пауза во кариерата на одредено време, ќе побара медицинска помош и ќе се фокусира на здравјето“, откако беше приведен по сообраќајна несреќа што ја предизвикал.

Овој 50-годишник беше приведен и обвинет за возење под дејство на алкохол, откако кон крајот на минатата недела влегол во лента по која се движел камион и му се превртел автомобилот на Флорида.

Ќе му се суди и за предизвикување материјална штета, како и за одбивање да се подложи на задолжително тестирање за алкохол.

Вудс, освојувач на 15 најголеми голферски турнири, писмено и преку својот адвокат се изјасни дека не е виновен.


Претходно, полицијата детално го опиша неговото однесување по несреќата.

Кај Вудс биле пронајдени две таблети хидрокодон во џебот, аналгетик што се користи против силни болки, се наведува во полицискиот извештај.

Полицајците на самото место забележале дека бил „летаргичен и бавен“, дека „многу се потел“ и дека зениците му биле „исклучително проширени“.

Со објава на мрежата „X“ на 30 март, за првпат се огласи по несреќата.

„Знам и ја разбирам сериозноста на ситуацијата во која се најдов. Се повлекувам на одредено време за да се лекувам и да се фокусирам на здравјето. Тоа е неопходно за да ја ставам сопствената благосостојба на прво место и да работам на долгорочно закрепнување“, напиша Вудс.

Пред несреќата не ја исклучуваше можноста да настапи на следниот голферски „Masters“ турнир што се одржува во мај, иако не учествувал на најголемите турнири од јули 2024 година.

„Посветен сум на тоа да го искористам потребното време за да се вратам поздрав, посилен и пофокусиран, како личност и професионалец“, додаде голферот во соопштението.


„Легенда на нашиот спорт, но пред сè човек“

Од „PGA Tour“, водечката голферска асоцијација, се огласија за ситуацијата на Вудс.

„Тајгер Вудс е легенда на нашиот спорт чие влијание далеку ги надминува неговите достигнувања на теренот.

„Но, пред сè, Тајгер е човек и ние сме фокусирани на неговото здравје и благосостојба.“

Брајан Ролап, директор на „PGA Tour“, го опиша американскиот голфер како „една од највлијателните спортски личности на сите времиња“.

„Во текот на изминатата година почнав длабоко да го ценам Тајгер не само поради влијанието врз играта, туку и поради пријателството и советите што ги сподели со мене кога влегов во светот на голфот.


„Моите мисли се со него и неговото семејство во овој период, има моја целосна поддршка и почит“, додаде Ролап.

Несреќата од минатата недела е само последна во низа инциденти што му се случија на Вудс во изминатите години.

Се разведе откако во 2009 година со автомобил удри во противпожарен хидрант, дрво и жива ограда пред неговиот дом, што поттикна обвинувања за неверство.

Во 2017 година беше осуден на условна казна затвор од една година откако призна вина за опасно возење.

Пред тоа, полицијата го пронашла како спие зад воланот во близина на неговиот дом.


Токсиколошкиот извештај тогаш покажа дека во неговиот организам имало марихуана и неколку лекови.

Во 2021 година преживеа тешка сообраќајна несреќа во која се здоби со сериозни повреди.

Оттогаш, повеќепати беше опериран и настапуваше на ограничен број турнири.

Минатата недела се натпреваруваше во лигата „TGL“ во затворени услови, што беше негов прв настап по повеќе од една година, откако претходно имаше дополнителна операција на грбот и повреда на Ахиловата тетива.