Џенаро Гатузо не ја оствари својата мисија и остана покус на последното скалило кое требаше да го мине заедно со своите фудбалери, па така Италија трет пат во низа остана без пласман на Светско првенство.
Гостувањето во Зеница имаше голема тежина и со себе носеше билет вреден фудбалски мундијал, а и покрај тоа што Италија беше блиску до такво нешто во голем дел од мечот, на крајот доживеа ново големо разочарување, слично на оние во 2018-та и 2022-ра година.
Италија пропушти три големи шанси при водство од 1:0 и не успеа да го скрши противникот со играч помалку на теренот, за потоа да прими гол од Табаковиќ на 11 минути пред истекот на регуларните 90 минути.
Во пенал рулетот, далеку посмирени и поефикасни беа Босанците, па така „змејовите“ се тие што го обезбедија послендиот европски билет за настап на мундијалот.
Ова големо разочарување за италијанскиот фудбал ќе му се препише и на Гатузо, а Рино не ги криел емоциите и со солзи во очите се соочил со дел од новинарите.
– Овие момци не го заслужија ова. Тоа го велам поради напорот кој го вложија, поради одлучноста и љубовата која ја покажаа кон италијанскиот дрес. Имавме три шанси да го решиме мечот, а голем дел од нивните центаршутеви не ни претставуаа проблем. Ова боли, но горд сум на овие момци.
– Може слободно да ме прободете со нож, нема да излезе ништо вечерва, немам крв во мене……. Ова беше многу важен меч за цел италијански фудбал и тажно е што заврши вака. Не сакам да зборувам за судиите, но конечниот епилог е нефер за нас. За жал, таков е фудбалот, дел сум од овој спорт со години. Многупати сум се радувал, но многупати и сум тагувал како денеска. Лично се извинувам на цела нација што не успеавме да се пласираме на Светско првенство, но останувам горд на моите момци, – изјавил Гатузо, кој се расплакал откако добил прашање за својата иднина како селектор.
– Сосема неважно е да се зборува за мојата иднина, најважно е тоа што не успеавме да одиме на Светско првенство….., – завршил Рино.










