Кралицата на попот Мадона најави дека на 3 јули ќе го објави албумот „Confessions on a Dance Floor: Part II“, 21 година по оригиналот.
Новиот албум е продолжение на нејзиниот албум од 2005 година „Confessions on a Dance Floor“ и воедно нејзин прв студиски албум по седум години, односно по „Madame X“ од 2019 година. „Associated Press“ тој албум го окарактеризира како промашување, додека оригиналниот „Confessions“ се сметаше за нејзино враќање на врвот на поп-моќта.
Критички пофаленото издание донесе хитови како „Hung Up“, „Sorry“, „Get Together“ и „Jump“. Албумот доби платинесто признание од Американската дискографска асоцијација (RIAA) и освои Греми за најдобар електронски/денс албум во 2006 година.
Мадона претходно веќе навестуваше втор дел од проектот „Confessions“. Во декември 2024 година сподели видео на Инстаграм од студиото со продуцентот на албумот Стјуарт Прајс.
Во соопштение за американските медиуми, Мадона сподели манифест што таа и Прајс го имале како појдовна точка за албумот.
„Мораме да танцуваме, да славиме и да се молиме со нашето тело. Тоа се нешта што ги правиме илјадници години, тоа се навистина духовни практики. На крајот на краиштата, подиумот за танцување е ритуален простор. Тоа е место каде што се поврзуваш со своите рани, со својата кревкост. Рејв е уметност. Станува збор за поместување на сопствените граници и поврзување со заедница на истомисленици. Звукот, светлината и вибрацијата ги преобликуваат нашите перцепции, вовлекувајќи нè во транс. Повторувањето на басот не само што го слушаме, туку и го чувствуваме. Ја менува нашата состојба на свест и ги раствора егото и времето“, наведе таа.







