[ВИДЕО] Маја за почетоците на љубовната приказна со легендата Панчев: „Не го гледав Дарко како човек во којшто ќе се вљубам, јас собирав сликички од него“

Точка

16/04/2026

12:43

795

Големина на фонт

а а а

Во едно од изданијата на поткастот „Урок“, водителот Сергеј Варошлија ја угости Маја Гроздановска - Панчева чија љубовна приказна одамна прерасна во дел од современата македонска поп-култура. Со топлина, искреност и доза препознатлив хумор, таа ги отвори страниците од својата приказна, враќајќи се назад во времето кога сè започнало – спонтано, неочекувано, но очигледно судбински.

Разговорот понуди редок увид во нивните почетоци, далеку од денешната стабилност и долгогодишна блискост. Маја со насмевка се присети на периодот кога настапувала со групата Бумеранг – време исполнето со свирки, патувања и младешка енергија. Токму на тие настапи, како што откри, започнала да се испишува нивната заедничка приказна, кога Дарко, веќе големо спортско име, се појавувал меѓу публиката.

Нивната средба не била класична љубов на прв поглед, туку постепено градење на однос кој растел паралелно со нивните кариери. Преку анегдоти и искрени признанија, двајцата доловија атмосфера од едно поинакво време – кога љубовта се случувала без социјални мрежи, но со многу повеќе непосредност и трпение.

Овој разговор не е само носталгично патување, туку и потсетник дека зад секоја долготрајна врска стојат моменти на случајност, храброст и искреност – токму како нивната, која трае веќе повеќе од дваесет и пет години.

✨„Повторно ќе ја спомнам група ‘Бумеранг’ со која што бев актуелна со свирките, секоја вечер некаде настапувавме. Доаѓаше на свирки. Јас се чудев кога ќе го видев. Јас викам: Кој ми дошол мене на свирка? Убаво ми беше, ама не го гледав јас Дарко како човек во којшто ќе се вљубам, туку го гледав како најуспешниот човек во нашата држава. Јас собирав сликички од него“, рече Маја.


Таа низ смеа откри и еден детаљ кој како да го претскажал нејзиниот живот со „Кобрата“:

✨„И знаеш кога ќе си го вратам филмот нешто можеби имало поврзано што ете јас и он сме веќе повеќе од 25 години во брак… Дури го навраќам времето кога воопшто не го познавав, на маскенбал сум се облекла во дрес! И види сега, судбината да дриблам цел живот“, низ насмевка рече Маја.

Од друга страна, Дарко Панчев, во својот препознатлив стил, ја раскажа неговата верзија на настаните, признавајќи дека тој бил оној кој го направил првиот чекор.

Варошлија го вклучи на телефон, а Панчев рече:

✨„Добро вечер. Па, Сергеј, ја пуштив жена ми да збори со тебе, а не ти со мене. Маја првпат ја видов на ‘Макфест’. По неколку месеци случајно во Скопје во едно кафуле ја видов и онака исконтактиравме, ја пофалив ‘браво, браво’, ме заинтригира и јас бев тој што иницираше за понатака“.