Едноставно правило за кое ви се потребни само седум минути дневно, а наводно би можело да ви го продолжи животот за една година.
Станува збор за таканареченото правило „5+2“, кое би можело значително да го подобри вашето здравје, а се базира на неодамнешно истражување кое опфатило речиси 60.000 луѓе.
Правило на мали, доследни промени
Д-р Вил Булсиевич, гастроентеролог познат на социјалните мрежи како „Gut Health MD“, редовно споделува совети за здравје, а сега привлече внимание на „5+2“ правилото. Тој истакна дека студија од јануари оваа година, спроведена на 59.000 учесници, покажала дека малите, доследни промени во три области можат да придонесат за подолг живот.
„Пет минути повеќе сон. Две минути вежбање. И една година повеќе живот“, сумирал Булсиевич.
„Истражувањето на 59.000 луѓе покажува дека за подолг живот не е потребна голема промена на животниот стил, туку мали, доследни промени во три области“, објаснил тој. „Постојано ни кажуваат дека мора целосно да го промениме начинот на живот. Ова истражување го покажува спротивното.“
Што покажуваат бројките?
Истражувачите со години следеле 59.078 лица користејќи носливи акцелерометри со кои ги мереле вистинските обрасци на спиење, вежбање и исхрана. Минималните промени што донеле резултати биле пет минути повеќе сон дневно, две минути умерена физичка активност и половина порција повеќе зеленчук дневно. Таа комбинација би можела да донесе една дополнителна година живот.

Позначајни подобрувања, како 24 минути повеќе сон, четири минути вежбање и поквалитетна исхрана, биле поврзани со четири дополнителни години живот без болести како срцеви заболувања, рак, дијабетес, хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ) или деменција.
„Луѓето кои ги оптимизирале сите три ставки — 7 до 8 часа сон, 42 минути дневно вежбање и квалитетна исхрана — имале 9,35 години подолг животен век и 9,45 години подолг здрав животен век. Тоа е речиси цела деценија, размислете за тоа“, порачал д-р Булсиевич.
Комбинацијата е клучна
Лекарот нагласува дека не е пресудна една промена, туку нивната комбинација.
„Сонот, движењето и исхраната одат заедно. Мали подобрувања во сите три категории надминуваат големи подобрувања само во една“, објаснил тој.
„Тоа постојано го нагласувам! Поважен е напредокот од совршенството, не мора да трчате маратон или да јадете совршено. Малите промени што доследно се спроведуваат носат големи резултати – години живот“, рекол тој. „Престанете да чекате совршен план. Почнете вечерва со пет минути повеќе сон, кратка прошетка по ручекот и дополнителна порција зеленчук на чинијата. Науката покажува дека и тоа е доволно за почеток.“

За самото истражување
Истражувањето на кое се повикува д-р Булсиевич е објавено под наслов „Минимални комбинирани варијации во спиењето, физичката активност и исхраната поврзани со подобрувања на животниот и здравиот животен век“.
Целта на студијата била да утврди кои се минималните комбинирани подобрувања во спиењето, физичката активност и исхраната потребни за продолжување на животот и периодот без болести.
Во заклучокот се наведува дека умерени и истовремени подобрувања во спиењето, активноста и исхраната се поврзани со значајни добивки во должината и квалитетот на животот. Авторите истакнуваат дека овие наоди нудат практичен пристап за подобрување на јавното здравје преку умерени, но доследни промени во навиките.









