Оброк во доцните часови: Еве која храна може да се јаде навечер без проблем

Точка

27/04/2026

23:00

267

Големина на фонт

а а а

Колку пати ви се случило да ве фати глад доцна навечер? Иако знаете колку е нездраво, најчесто прво посегнувате по грицки, чипс или брза храна.

Сепак, добро е да се знае дека постојат оброци кои не е толку страшно да се консумираат навечер. Освен зеленчук и јаткасти плодови, тука спаѓаат и некои видови сирење и одредени видови месо.

Мисиркини гради

Мисиркиното месо е богато со аминокиселината L-триптофан, која предизвикува чувство на поспаност и опуштеност, па затоа ова месо е добар избор за вечерен оброк. Имено, протеините ќе го намалат чувството на глад, додека триптофанот влијае на мирен сон.


Сирење и крекери од јаткасти плодови

Ова е идеален меѓуоброк затоа што содржи протеини и влакна, па истото важи и ако го изедете пред спиење. И сирењето содржи триптофан, што објаснува зошто е добро да се консумира навечер. Секако, бирајте помалку масни, млади сирења.

Зеленчук и хумус

Препорака за вечерен оброк е и зеленчук како млади моркови, домати и краставици. Со хумус, зеленчукот станува вистински оброк. Најдобро е хумусот да го подготвите сами, а ако е купен, проверете на етикетата дали содржи шеќер.


Ф’стаци

Ф’стаците се одличен извор на влакна, протеини и минерали како магнезиум и бакар, како и витамин Е и фолна киселина. Исто така, тие се богат извор на мононезаситени масти.

Банани и кикиритки

Бананата е одличен избор бидејќи содржи калиум кој помага во опуштање на мускулите. Тука се и сложените јаглехидрати кои го регулираат нивото на шеќер во крвта и спречуваат будење. Комбинирајте ја со путер од кикиритки, кој е одличен извор на масти и триптофан.


Како да се избегне ноќниот оброк

За нашето здравје, спиењето е исклучително важно, па навечер треба да се избегнува храна со висока содржина на сол. Иако понекогаш е во ред да се изеде нешто, будењето заради храна не е здраво. Обидете се да внесувате доволно квалитетна храна во помали количини повеќепати во текот на денот, за да избегнете глад навечер.

Сепак, понекогаш нè будат вознемиреност и стрес, па посегнуваме по храна. Во такви случаи, најдобар избор е чај од нане или камилица.