Веќе со години кружи тврдењето дека „седењето е новото пушење“. Иако звучи впечатливо и лесно се памети, ваквата споредба во суштина го поедноставува многу посложен проблем.
Ако седењето секогаш беше најлошата опција, решението би било едноставно – само да станеме. Но, работите не се толку црно-бели. За голем број луѓе, стоењето не е алтернатива, туку секојдневна обврска. Здравствените работници, индустриските работници, наставниците, продавачите, келнерите или фризерите поминуваат часови на нозе, а тоа остава последици врз нивното здравје, пишува „nova.rs“.
Во Европа, мускулно-скелетните нарушувања се најчестиот здравствен проблем поврзан со работата. Тие вклучуваат болки во грбот, вратот, рамената, нозете и стапалата. На пример, во Шпанија речиси една третина од повредите на работа што довеле до боледување се резултат на физички напор, додека дури 78 проценти од професионалните заболувања се поврзани со овие тегоби.
Затоа прашањето „дали е подобро да се седи или да се стои“ всушност не е вистинското прашање. Многу поважно е колку долго остануваме во една положба и колку се движиме во текот на денот.

Човечкото тело едноставно не е создадено да биде неподвижно. Долготрајното седење најчесто доведува до проблеми во долниот дел од грбот, вратот и рамената. Од друга страна, повеќечасовното стоење е поврзано со замор, болки во ’рбетот и зголемено оптоварување на нозете и стапалата.
Со други зборови, ниту седењето, ниту стоењето не се безопасни ако траат предолго.
Често, кога зборуваме за болки на работа, фокусот е на грбот. Но, сè всушност започнува многу пониско – во стапалата. Тие се основата на целото тело: ја носат тежината, го распределуваат притисокот и го пренесуваат оптоварувањето кон зглобовите и ’рбетот. Ако со часови се под постојан напор, последиците се чувствуваат во целото тело.

Истражувањата покажуваат дека долготрајната работа во стоечка положба може да го промени држењето на телото и начинот на кој се распределува оптоварувањето врз стапалата. Тоа често доведува до непријатност во грбот, колената и самите стапала. Исто така, важно е да се нагласи дека не реагираат сите организми исто – разликите во телесната градба можат да влијаат на тоа колку некој ќе ги почувствува последиците.
Експертите од Европската агенција за безбедност и здравје при работа нагласуваат дека клучот е во менување на положбата и движењето. Идеално е да се комбинираат седење и стоење, да се прават кратки паузи и да се избегнува долготрајно задржување во една положба.
Иако често се нудат различни „решенија“ како прилагодливи бироа, ергономски столици или специјални влошки, ниту едно од нив не е магично. Ако работниот ден е лошо организиран, ниту најдобрата опрема нема целосно да го реши проблемот.

Она што навистина помага се едноставни навики: редовни паузи, промена на активности, прилагодување на работното место, удобна обувка и воведување физичка активност во секојдневието.
На крај, нема потреба седењето да го прогласуваме за непријател, ниту стоењето да го сметаме за идеално решение. Телото најмногу сака – движење.












