Поголеми плати, подобри услови за работа и постабилна иднина со години се главните причини поради кои работници од регионот заминуваат во странство, а Германија останува една од најбараните дестинации.
Сепак, прашањето за исплатливоста на долгогодишната работа во таа земја сè почесто се отвора, особено кога станува збор за пензиите. Дали се исплати 40 години работа? Расправата меѓу иселениците ја поттикна објава во популарната Фејсбук група „Балканци во Германија“, во која еден корисник постави прашање дали се исплати да се работи цел работен век за пензија од околу 1100 евра.
„Работиш 40 години во Германија, чекаш да наполниш 67 години и на крај добиваш 1100 евра. Дали вреди да си го ‘кршиш грбот’ во туѓина?“, наведе тој.

Дел од учесниците во дискусијата сметаат дека заминувањето сепак се исплати, пред сè поради можноста за штедење во текот на работниот век. Како што истакнуваат, во матичните земји многумина не можат да заштедат, туку се принудени дополнително да се задолжуваат за да ги покријат основните трошоци.
Други предупредуваат дека висината на пензијата не може да се гледа изолирано, туку во однос на трошоците за живот. Според нив, 1100 евра во Германија има значително помала куповна моќ отколку истиот износ во земјите од регионот.
Поради тоа, некои сметаат дека работата во странство се исплати само ако по пензионирањето се вратат во татковината.
Одредени коментатори истакнуваат дека тешката работа не е резервирана само за странство.
„Работиш напорно и во својата земја, а на крај добиваш пензија што едвај ги покрива основните потреби“, наведува еден од учесниците во дискусијата.

Во дискусијата се отвори и прашањето за долгорочна финансиска стратегија. Дел од учесниците сметаат дека работата во странство не треба да се сведува само на плата и пензија, туку дека со текот на годините треба да се градат дополнителни извори на приходи. Како еден од примерите се наведува инвестирање во недвижности и издавање станови, што може да донесе дополнителна финансиска сигурност во староста.
Според овој модел, кредитот за стан може да се отплаќа преку кирија, додека со текот на времето вредноста на недвижноста расте.
Расправата покажува дека не постои единствен одговор на прашањето дали работата во Германија долгорочно се исплати.
За некои клучот е во поголемите приходи и можноста за штедење, додека други сметаат дека високите трошоци за живот и релативно ниските пензии ги намалуваат предностите на работата во странство.