Користењето мобилен телефон за време на возењето со години е една од најчестите причини за одвлекување на вниманието кај возачите. Затоа некои европски држави одат чекор понатаму со санкциите.
Повеќе не е проблем само држењето на телефонот во рака. Во одредени земји казниво е дури и допирањето на екранот додека уредот е поставен на држач.
Најстроги правила во моментов има Шпанија, каде властите предупредуваат дека возачите не смеат да користат мобилен телефон ниту кога стојат на семафор или во сообраќаен метеж.
Според правилата на шпанската Дирекција за сообраќај (DGT), казниво е пишување пораки, менување музика, користење апликации или какво било ракување со телефонот за време на возењето. И не само додека возите, туку и при стоење на семафор или во колона.

Казните за возачите кои не ги почитуваат правилата не се мали: 200 евра и шест казнени поени за држење телефон во рака, 200 евра и три поени за користење телефон додека е поставен на држач.
Шпанија, сепак, не е единствената држава што ги заострува правилата. Сличен тренд е видлив низ цела Европа.
Во Велика Британија, од 2022 година се воведени правила според кои возачот може да биде казнет дури и за кратко допирање на телефонот за време на возење или додека чека на семафор. Казната изнесува 200 фунти и шест казнени поени.
Холандија користи и специјални камери кои можат да препознаат користење мобилен телефон зад волан, додека Италија и Франција имаат високи казни и можност за привремено одземање на возачката дозвола за потешки или повторени прекршоци.

Иако правилата не се идентични во сите држави на Европската Унија, заедничката порака е дека фокусот сè повеќе се префрла на одвлекувањето на вниманието на возачот, а не само на држењето телефон во рака. Со други зборови, дури и „само кратка проверка на порака“ може да доведе до казна.
Според податоците на европските сообраќајни институции, користењето мобилен телефон значително го продолжува времето на реакција на возачот и го зголемува ризикот од сообраќајна несреќа, поради што многу држави воведуваат построги контроли и автоматски камери за детекција на користење телефон.