Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека токму неговата љубов кон брзата храна би можела да биде една од причините поради кои се чувствува витално и покрај годините.
Познатата склоност кон калорична храна на Трамп повторно привлече внимание за време на средбата во Овалната соба во понеделникот, кога 79-годишниот претседател примил повеќе посетители, меѓу кои и помлади жени.
Обраќајќи им се на присутните, Трамп ги споредил своите години со нивните.
„Погледнете ги овие луѓе, брилијантни се. Јас сум еден од помладите, тука сум некаде по години како и вие“, рекол тој. „Се чувствувам исто како нив. Се чувствувам исто како пред 50 години. Тоа е неверојатно. Ќе дојде ден кога веќе нема да биде така, но буквално се чувствувам исто. Не знам зошто“, додал тој.
Трамп, кој важи за најстариот претседател во историјата на САД кој ја извршувал таа функција, потоа рекол дека и неговата исхрана можеби има врска со тоа.
Познато е дека по речиси секој политички собир јадел во Мекдоналдс, а медиумите претходно пишуваа и дека во Овалната соба вградил копче со кое го повикува персоналот на Белата куќа да му донесе диетална Кока-Кола.
„Не јадам баш најздрава храна. А можеби токму тоа е најдобрата храна. Кој всушност знае која е најдобрата храна? Можеби брзата храна е добра, а другата не е“, рекол Трамп.
„Познавам луѓе кои јадат најздрава можна храна, одат во ресторани и нарачуваат целер. Јас тоа не го сакам. Јас ќе земам бифтек и сè останато“, продолжил тој. „Ги прашувам: ’Како сте?‘, а тие ми велат: ’Готово е со мене‘, и тоа додека се уште релативно млади. Познавам многу луѓе кои цел живот внимавале на килограмите, а веќе не се меѓу нас. А ние сè уште сме тука. Се чувствувам одлично“, раскажал Трамп.

Изјавите на Трамп брзо предизвикаа реакции на социјалните мрежи. Еден корисник на платформата Икс напишал: „Тој зборува глупости, а тие зад него уште го поддржуваат тој кловн!“
Друг додал: „Трамп очигледно не мора да размислува пред да каже нешто. Тоа за него би било луксуз. Незнаењето, изгледа е благослов — и многу е поевтино.“
Неговите најнови коментари за здравјето следуваа една недела откако се пошегувал на сметка на својата физичка активност. Откако во Овалната соба повикал бројни спортски ѕвезди по повод враќањето на Претседателската награда за физичка подготвеност, рекол:
„Лично, работам многу напорно. Вежбам многу — приближно една минута дневно. Ако имам среќа“.

Трамп и претходно ги изнесувал своите ставови за физичката активност. Во интервју за „The New Yorker“ во 2017 година изјавил дека вежбањето го смета за погрешен ритуал и ги предупредил луѓето да не ги трошат своите „батерии“ до крајни граници. Исто така признал дека ноќе спие само „три до четири часа“.