Исповедта на работник во Германија ги испровоцира Балканците: „Имам плата од 3.000 евра, и за 4 години не заштедив ниту еден цент“.
Објавата на еден работник од Германија предизвика голема расправа меѓу иселениците од Балканот, откако тој признал дека, и покрај плата од околу 3.000 евра нето месечно, по четири години работа нема значајни заштеди, пишува Матеја Папиќ за „Вечерњи лист“.
„Работам во Германија веќе четири години и имам околу 3.000 евра нето. Мислев дека до сега ќе заштедам сериозни пари, а на сметката речиси ништо. Кирија, автомобил, осигурување, годишен одмор, сметки… На крајот од месецот секогаш исто“, напишал тој во една Фејсбук група, а потоа ги прашал останатите дали проблемот е во неговите финансии или навистина денес е тешко да се штеди дури и во една од најсилните европски економии.

Одговорите брзо се поделиле во два табора – на оние кои сметаат дека проблемот е во него и на оние кои тврдат дека трошоците за живот едноставно станале превисоки.
„Проблемот е во тебе“, напишале повеќе учесници во расправата, додека еден отишол чекор понатаму и порачал: „Финансиски си неписмен и неодговорен.“ Други биле уште поостри. „Најлошо е кога човек се лаже самиот себе“, стои во еден коментар, додека друг му порачал: „Помалку лаги, полесно ќе ти биде.“
Сепак, дел од учесниците сметаат дека неговата ситуација е сосема разбирлива.
„Зошто мислите дека се шегува? Три илјади евра не се ништо за живот во Германија. Тоа е сосема нормален износ за живот таму. Кога ќе платиш сè, не ти останува многу за штедење“, напишала една коментаторка која живее во Германија.
Таа додала и дека луѓето често имаат погрешна претстава за германските плати.
„Нашиот народ сака да преувеличува, да се фали и да лаже. Во Германија не се зборува колкава ти е платата. Само нашите го прават тоа.“
Неколку коментатори истакнале дека клучниот проблем е животниот стил.

„Што ќе ти е автомобил на лизинг?“ прашал еден од нив, сугерирајќи дека многу иселеници непотребно ги зголемуваат трошоците за да остават впечаток на успех кога доаѓаат во родниот крај.
Некои ја искористиле расправата за да промовираат враќање на Балканот.
„Врати се. Купи две кози, две овци и си на своето“, се пошегувал еден учесник.
Друг тврдел дека и со значително помала плата може да се живее сосема пристојно.
„Јас и сопругата во Хрватска заедно заработуваме 4.800 евра месечно. За живот ни одат околу 1.000 евра. Сè друго ни останува. Не гледам јас во таа ваша Германија ништо паметно.“