Хепатолог: „Оваа навидум здрава ужинка, омилена на многумина – несомнено штетно влијае на црниот дроб“

Точка

18/06/2026

15:17

480

Големина на фонт

а а а

Протеинските плочки не секогаш се здрав избор. Експертите предупредуваат дека високата содржина на шеќер и масти може негативно да влијае врз здравјето на црниот дроб.

Иако често се зборува за здравјето на цревата и мозокот, здравјето на црниот дроб неретко останува во втор план. Експертите предупредуваат дека заболувањата на црниот дроб се меѓу водечките причини за смртност во светот, а сè почест проблем е наталожувањето маснотии во овој орган, што може да доведе до сериозни оштетувања.


Многумина ги сметаат протеинските плочки за здрава и практична ужина, но лекарите предупредуваат дека некои од нив содржат големи количини додаден шеќер и адитиви. Истражувања покажале дека дел од производите кои се рекламираат како здрава храна имаат количини шеќер споредливи со оние во чоколадите.

Како може да влијаат на црниот дроб?

„Премногу додаден шеќер, а особено високо-фруктозен пченкарен сируп, може да предизвика насобирање масти во црниот дроб“, објаснува хепатологот и гастроентеролог д-р Квин Рао. Тој додава дека вишокот шеќер може да доведе до воспаление и создавање лузни на црниот дроб. Исто така може да ја влоши инсулинската резистенција. Научен преглед од 2023 година објавен во „Hepatology Communications“ утврдил поврзаност помеѓу висока консумација на шеќер и болеста MASLD.


Д-р Рао предупредува дека проблемот не се само шеќерите. „Заситените масти можат да го поттикнат насобирањето на масти во црниот дроб и да му отежнат на телото ефикасно да го користи инсулинот“, вели тој. Поради тоа, советува да се избираат протеински плочки со малку додаден шеќер и повеќе влакна. „Плочки кои содржат едноставни, минимално преработени состојки и растителни извори на протеини генерално се подобар избор за здравјето на црниот дроб“, истакнува тој.

Како алтернатива на преработените протеински плочки, тој препорачува јаткасти плодови, семки, едамаме, грчки јогурт, лосос, грав и леќа. „Тие намирници содржат протеини, здрави масти и влакна кои можат да помогнат за здравјето на црниот дроб“, објаснува д-р Рао. Тој додава дека здравјето на црниот дроб не зависи од една намирница. „Најголемо влијание имаат балансирана исхрана, редовна физичка активност и ограничен внес на преработена храна и додадени шеќери“, заклучува.