Ноќеска во Колумбија славеше крајнодесничарскиот кандидат Абелардо де ла Есприела, познат по прекарот „Тигар“, кој според прелиминарните резултати е новиот претседател на земјата.
Во тесна изборна трка, податоците на Националниот регистар покажуваат дека 47-годишниот адвокат и претприемач освоил 49,65 отсто од гласовите, по преброени 99,91 отсто од гласачките ливчиња.

Де ла Есприела веќе извесно време е позната личност во колумбискиот јавен живот, а се истакнал со својата работа како адвокат, но ова ќе биде првпат да извршува политичка функција. Поддршка добил и од американскиот претседател Доналд Трамп.
Но, покрај тоа што тој е добро познат во оваа јужноамериканска држава, сè поголемо внимание, особено за време на овие избори, привлекла и неговата сопруга, која го поддржува веќе речиси 20 години.

Ана Лусија Пинеда сега ќе стане прва дама на Колумбија, а и самата има изградено успешна кариера.
Пинеда привлекувала сè поголем интерес за време на претседателската кампања, додека новиот претседател се претставувал како семеен човек. Парот често споделува семејни фотографии и видеоснимки на своите профили на социјалните мрежи.
Пинеда е родена во 1988 година во Монтерија, Кордоба, а дипломирала бизнис администрација на престижен универзитет во Богота.
Својата кариера ја изградила со фокус на маркетинг, човечки ресурси и управување со квалитет.

Според официјалниот профил објавен од политичкото движење на Де ла Есприела, „Бранители на татковината“ (Defensores de la Patria), за Пинеда се наведува дека е „професионалка, мајка, деловна жена и жена која изградила кариера обележана со дисциплина, менаџмент и тивка работа зад семејните и деловните проекти“.

Се наведува и дека управувала со компании во секторите угостителство, култура и забава во Соединетите Американски Држави.
Исто така, учествувала во основањето на адвокатската фирма „De la Espriella Lawyers“, адвокатската канцеларија на новоизбраниот претседател.
Парот е заедно повеќе од 18 години, а во брак се 17 години. Имаат четири деца: Лусија, Салвадор, Филипо и Франческа.

Според пишувањата на „Economic Times“ и „La Patria“, тие се запознале уште како деца, бидејќи нивните родители биле блиски пријатели. Подоцна го изгубиле контактот, сè додека повторно не се сретнале и се вљубиле „на прв поглед“, како што, според медиумите, раскажал самиот претседател.

Тој редовно ѝ се заблагодарувал за поддршката за време на кампањата, а пред неколку недели ѝ упатил емотивна порака на социјалните мрежи:

„Колумбија ќе добие прва дама достојна на нејзината големина. Ти благодарам, љубов моја,@analu_pineda, што беше покрај мене на секој чекор од ова патување, за твојата безусловна љубов, сила и посветеност. Ти благодарам што со мене го сподели сонот за изградба на Прекрасна татковина за сите Колумбијци. Твоето срце, твојата чувствителност и твојата посветеност кон семејствата во Колумбија ќе бидат инспирација за нашата земја. Те сакам и длабоко ти се восхитувам“, напишал Де ла Есприела.