Свети Стефан повторно се отвора: Лежалките чинат 240 евра на ден, а жителите се револтирани поради едно нешто

Точка

22/06/2026

16:11

990

Големина на фонт

а а а

Градот-хотел Свети Стефан, по цели пет години, на 1 јули повторно се враќа на светската туристичка мапа, а според тврдењата на компанијата „Adriatic Properties“, од сите хотели на Аман во светот, Аман Свети Стефан моментално е на прво место по бројот на резервации, пишува црногорскиот портал „Vijesti“.

Од компанијата потврдиле дека сè е подготвено за пристигнувањето на гостите и дека со работа почнуваат и двата светски познати ресторани, „Зума“ и „Намос“, кои ќе им бидат на располагање на гостите на ова ексклузивно летувалиште.


Две лежалки и чадор чинат 240 евра на ден

Вилата Милочер, која ги прими првите гости на 22 мај, практично е целосно распродадена, а на гостите им е достапен и големиот спа-центар на Краличината плажа (плажата на Кралицата).


Закупецот ги отвори и плажите, па согласно договорот постигнат со црногорската Влада, Краличината плажа е резервирана исклучиво за гостите на хотелот од 8 до 20 часот.

На Големата милочерска плажа, односно Кралската плажа, дел од плажниот мобилијар е резервиран за локалните жители, а изнајмувањето на комплет со лежалки, чадор и услуга ќе чини 240 евра.


Отворена е и западната светистефанска плажа, каде што исто така дел од мобилијарот е наменет за мештаните, а изнајмувањето на две лежалки и чадор ќе чини 240 евра.

Владата го усвои предлогот за условите на спогодбата со закупецот „Adriatic Properties“ со цел да се избегне можна штета поголема од 100 милиони евра и да се овозможи повторно отворање на комплексот.

Бунт на мештаните поради оградата

Повторното поставување на оградата на Краличината плажа предизвика револт кај локалните жители. Членовите на Советот на Месната заедница Свети Стефан неодамна поднеле кривична пријава до Основното државно обвинителство во Котор против компанијата „Adriatic Properties“, како и против други државни и општински институции.


Тие ги сомничат за кривични дела поврзани со ограничување на слободата на движење и неизвршување на судска одлука.

Како што појасниле, пријавата била поднесена откако закупецот, спротивно на правосилната пресуда, повторно поставил огради кои од 8 до 20 часот го оневозможуваат поминувањето по шеталиштето од Свети Стефан до паркот Милочер.


Минатата недела, Месната заедница поднела и барање до Комуналната инспекција на Општина Будва за отстранување на, како што наведуваат, незаконски поставениот објект на јавното шеталиште.

„Со ова бараме од јавната површина, пешачката патека покрај Краличината плажа во Милочер, да го отстраните незаконски поставениот објект – оградата со порта. Патеката во катастарот е заведена како сопственост на државата Црна Гора со намена „шеталиште“. Бараме да им се овозможи непречен премин на пешаците, кој во моментов е оневозможен“, се наведува во барањето доставено до „Vijesti“.

Шест децении луксуз

Историјата на популарниот Светец, уникатниот хотел кој со децении го привлекуваше светскиот џет-сет и политичката елита, започна во времето на комунизмот.

Ова необично паштровско рибарско населено место, средновековна тврдина која со векови им одолевала на освојувачите, на 13 јули 1960 година било претворено во ексклузивно летувалиште кое брзо станало синоним за луксуз.


На 13 јули годинава, градот-хотел ќе го прослави својот 66. роденден.

Иницијативата рибарското село да се претвори во луксузен град-хотел потекнува од 1950-тите години на 20 век и доаѓа од самиот политички врв на Југославија, како што запишал во својата книга „Будва, од мит до реалност“ долгогодишниот туристички работник, покојниот Владо Дулетиќ.


„Според сеќавањата, оваа идеја прв ја иницирал тогашниот висок сојузен функционер Едвард Кардељ. Неговиот предлог сесрдно го поддржале Блажо Јовановиќ, тогаш највлијателната политичка личност во Црна Гора, како и нашите познати сликари Петар Лубарда и Мило Милуновиќ“, се наведува во книгата.

Идејата на Кардељ била реализирана во 1960 година со отворањето на градот-хотел.


„Со претворањето на старото рибарско населено место во модерен туристички објект од прва класа почнува поновата историја на Свети Стефан. Само четири години по отворањето, списанието ’Life‘ од Њујорк го вброи Свети Стефан меѓу десетте најексклузивни хотели во светот, а во 1972 година го доби најголемото меѓународно туристичко признание – ’Златното јаболко‘. Покрај тоа, во 1980 година Свети Стефан стана добитник на највисокото државно признание на СФРЈ – Наградата АВНОЈ“, пишува Дулетиќ.