До четири инвазивни видови змии, кои не се опасни за луѓето, го загрозуваат биодиверзитетот на медитеранските острови. Една од нив дури научила да плива до блиските островчиња во потрага по храна, доведувајќи еден локален вид до работ на исчезнување.
Ширењето на змијата наречена „Hemorrhois hippocrepis“ на Балеарските Острови стана една од најголемите закани за биодиверзитетот на тоа подрачје. Оваа инвазивна змија случајно била внесена од копнениот дел на Шпанија, заедно со украсни маслинови дрвја, а потоа колонизирала голем дел од Ибица и Форментера, загрозувајќи ги популациите на автохтони гуштери, од кои некои видови се единствени за овој архипелаг.
Експертите предупредуваат дека оваа змија во новиот екосистем се однесува како врвен предатор, бидејќи речиси и да нема природни конкуренти. Нејзиното ширење било толку брзо што на поединечни островчиња веќе е забележано исчезнување на популацијата на питиускиот ѕиден гуштер, додека некои примероци од змијата биле забележани како пливаат меѓу островите во потрага по нов плен.
Сепак, пристигнувањето на овој вид на Балеарските Острови не било случајност. Нејзината приказна започнува пред повеќе од две децении, а според различни истражувања, тесно е поврзана со трговијата со големи украсни маслинови дрвја што биле донесувани од шпанското копно.
Тивка инвазија
Сè започнало во 2003 година, кога на Ибица била забележана првата ваква змија — воедно и првиот регистриран примерок од овој вид на целите Балеари. Дотогаш оваа змија била присутна само во Магреб, на Иберискиот Полуостров и во делови од Сардинија.
Меѓутоа, властите на Балеарските Острови не ја сфатиле сериозно оваа еколошка закана сè до седум години подоцна, кога биле објавени првите студии што потврдиле дека змијата се проширила на голем дел од поголемиот Питиуски остров.
Во една од тие студии се наведува дека, до моментот кога инвазивната змија веќе стигнала до Мајорка во 2006 година и до Форментера во 2010 година, одделот за заштита на биодиверзитетот веќе укажувал на можниот виновник:

„Жителите на Капдепера, град во источниот дел на Мајорка, го поврзуваат пристигнувањето на ибериските маслинови дрвја со внесувањето на змиите. Таа можност изгледа веројатна, бидејќи сите три вида се присутни во подрачјето од каде што потекнуваат маслинките (…) Во последните 20 години е забележан значителен пораст на увозот на големи примероци наменети за уредување на пејзажот“, се наведува во студијата.
Со други зборови, наместо да засадат локални маслинки и да чекаат да пораснат, сопствениците на имотите — како и фирмите за уредување на просторот што ги ангажирале — одлучиле да носат веќе возрасни дрвја од копното. А со нив пристигнале и несакани „патници“ — змиите.
Ова не е само претпоставка: регионалната влада во студијата директно издвојува една градинарска компанија од местото Сант Љоренс де Балафија на Ибица, каде што во два наврати меѓу пратките биле забележани и овој вид змии. Сепак, одредени еколошки организации ги критикуваат и обидите на самите власти повторно да населат одредени подрачја со внесување странски видови дрвја.

Оттогаш оваа змија — кој не треба да се меша со плашливата гаргарска змија (Macroprotodon mauritanicus), ендемски вид на островот — продолжила да се шири и забележал низа пресвртници во „освојувањето“ на архипелагот.
Денес околу 90 отсто од Ибица веќе се колонизирани од овој вид змија. Иако не е опасна за луѓето, се смета за врвен предатор во локалниот синџир на исхрана, бидејќи на Балеарите нема природна конкуренција.
Се храни со ситни цицачи и други змии, но нејзиниот главен плен се особено питиуските ѕидни гуштери (Podarcis pityusensis) — вид што се води како „ранлив“ и живее само на Ибица, Форментера и околните островчиња.
А токму тоа веќе се случува. Во текот на 2024 година првпат била снимена како плива преку Балеарското Море во потрага по нови извори на храна.
Според истражувачите од Центарот за еколошки истражувања и примена во шумарството (CREAF), исчезнувањето на видот „Podarcis pityusensis“ веќе е потврдено на околу 10 островчиња, меѓу кои е и Санта Еуларија, каде што забележале дека змијата ја препливала оддалеченоста меѓу островите.
Секое од тие мали островчиња има свој подвид на гуштер, со карактеристични бои и особини, што дополнително ја зголемува загриженоста на научниците поради губењето на единствената биолошка разновидност.

Покрај тоа, гуштерите, локално познати како саргантани, имаат важна улога во зачувувањето на еколошката рамнотежа на островот — помагаат во контролата на популацијата на одредени инсекти, шират семиња од растенија, а учествуваат дури и во опрашување.
Мерките што регионалната влада ги воведе пред три години, за да го ограничи увозот на одредени дрвја во периодот кога се изведуваат змиските јајца, беа воведени предоцна. Обидите за фаќање змии — според официјалните податоци, од 2016 година се фатени околу 12.000 примероци — се покажуваат како недоволни пред ширењето на видот за кој се чини дека во овој дел од Медитеранот веќе станал трајно присутен.
Овој вид змија не е единствената што била внесена на медитеранските острови. По нивните брегови и планински подрачја денес живеат и степската змија (Zamenis scalaris), белоушката (Natrix maura) и монпелјешката змија (Malpolon monspessulanus).
Сепак, трите видови змии во Шпанија чиј отров е опасен за луѓето — „Vipera aspis“, „Vipera latastei“ и кантабрискиот поскок „Vipera seoanei“ — сè уште не успеале да стигнат до бреговите на Балеарските Острови.













