Мицкоски ги смени сопствените црвени линии и контратежа, сѐ со цел Левица да остане лишена од фер третман во изборниот процес, велат од оваа партија

Макфакс

02/07/2026

12:10

199

Големина на фонт

а а а

Статијата го прикажува ставот на партијата Левица дека Мицкоски ги смени сопствените принципи и контратежата во изборниот процес со цел Левица да биде лишена од фер третман, обвинувајќи ја ДПМНЕ за напуштање на реформите и задржување на старите изборни правила поволни за поголемите партии.

На 29 мај 2025 година, Мицкоски јавно, на седница за пратенички прашања, понуди консензус за една изборна единица, со можност дијаспората да гласа преку избирачки места и надвор од дипломатско-конзуларните претставништва. Тој тогаш уверуваше дека ДПМНЕ веднаш ќе го поддржи таквиот закон, потсетуваат од Левица.

Само една година подоцна, од тој предлог, како што велат, не остана ништо.

„Во актуелниот Предлог-изборен законик едната изборна единица воопшто не постои, а ДПМНЕ целосно ја напушти сопствената иницијатива. Наместо тоа, како предуслов за каква било измена на Изборниот законик, Мицкоски ја наметна електронската форма на гласање на дијаспората – прашање кое никогаш не бил негов или предлог на ДПМНЕ, не произлегува од препораките на ОБСЕ/ОДИХР и за кое не беше постигнат консензус во работната група.

Кога ќе се откажете од сопствениот компромис и ќе го замените со нов услов и нова контратежа, за што однапред знаете дека нема политичка поддршка, тогаш очигледно целта повеќе не е да се подобри Изборниот законик, туку тоа да се спречи и да останат истите правила поволни за нив и поголемите политички партии“.

Со таквиот пристап, оценуваат во Левица, ДПМНЕ свесно ги жртвува и реформите што со години се бараат и од меѓународните набљудувачи.

„Наместо да се отстранат системските недостатоци и да се обезбедат поправедни изборни правила, се произведува вештачки спор околу прашање што никогаш не било дел од реформската агенда“.

Причината, како што додаваат, е очигледна.

Според нив, со свесното туркање кон пропаѓање на измените на Изборен законик останува во сила постојниот модел кој најмногу им одговара на поголемите партии.

„Тој го задржува нерамноправниот изборен натпревар и, меѓу другото, овозможува Левица и на следните избори да остане единствената парламентарна партија со пратеничка група која ќе биде лишена од можноста и средствата за рекламирање, додека сите останати учесници ќе располагаат со таа можност.

Затоа денешната црвена линија е политичка алатка. Не за реформа на изборниот процес, туку за зачувување на моделот што им одговара на оние кои со години го контролираат“.