Популарното средство за спиење може да помогне во ублажување на хроничната болка

Точка

03/07/2026

14:10

503

Големина на фонт

а а а

Ново истражување покажало дека мелатонинот може да ја ублажи хроничната мускулно-скелетна болка речиси подеднакво ефикасно како лековите против болка што се издаваат без рецепт.

Истражувачите го анализирале дејството на мелатонинот врз хроничната болка, која трае три месеци или подолго, како и врз акутната болка по операции, како што се вградување колено и колк, зафати на 'рбетот и лекување на скршеници. Според резултатите, најголема корист е забележана кај хроничната мускулно-скелетна болка, додека кај постоперативната болка не е утврден подеднакво јасен ефект.

Кангчао Ву, докторанд и истражувач по физиотерапија од „School of Health Sciences“ при Универзитетот во Сиднеј, изјави дека мелатонинот може да делува на два начина.


„Мелатонинот може да има сопствени својства за ублажување на болката, како што се антиоксидативните и антивоспалителните ефекти, кои се многу важни во текот на процесот на болката“, наведува тој.

Тој додаде дека хормонот може индиректно да помогне така што го подобрува сонот, ја намалува анксиозноста и депресијата поврзани со болката и им помага на луѓето да останат активни во текот на денот.

Ву наведува дека разликата најверојатно се објаснува со причините за самата болка, бидејќи постоперативната болка е акутна, додека хроничната мускулно-скелетна болка често е поврзана со долготрајни проблеми како што се лош сон, воспаление и зголемена чувствителност на нервниот систем. Затоа, истражувачите го сметаат мелатонинот како дополнување на постојното лекување, а не како замена за терапијата.


Во студијата се наведува дека мелатонинот е безбеден при краткотрајна употреба во мали дози, односно пократко од три месеци и во доза помала од пет милиграми, при што во повеќето испитувања биле користени три милиграми. Најчестите несакани дејства биле главоболка, мачнина и дневна поспаност, но тие се јавувале приближно подеднакво често како и во групата што примала плацебо.

Сепак, експертите советуваат пред земањето мелатонин против болка да се разговара со лекар, особено лицата кои веќе користат други лекови или имаат здравствени состојби како што се ревматоиден артритис, како и заболувања на бубрезите или црниот дроб. Се наведува дека долгорочната безбедност на употребата и оптималната доза сè уште не се доволно разјаснети.