Јапонската премиерка Санае Такаичи ја замени службената лимузина и премина на новиот луксузен SUV модел „Toyota Century SUV“, кој веќе е забележан на улиците на Токио во придружба на премиерката и нејзиното обезбедување.
Санае Такаичи ја замени досегашната службена лимузина „Toyota Century“ со новиот луксузен модел „Toyota Century SUV“.
Возилото веќе е забележано на улиците на Токио, каде што премиерката ја придружува стандардна колона составена од претходната генерација на лимузини „Lexus LS“.
Новиот „Century SUV“ е целосно во црна боја, без препознатливата двобојна каросерија. Опремен е со сини сигнални светла, дополнителен ретровизор и, според јапонските медиуми, поседува одредено ниво на балистичка заштита.
Претходната службена лимузина, која беше во употреба од 2020 година, е повлечена откако ја достигнала предвидената километража.
Владата на Јапонија не ги објави цената ниту техничките спецификации на новото службено возило од безбедносни причини, додека цивилната верзија на овој модел во Јапонија чини околу 27 милиони јени, односно приближно 167.000 долари.
„Toyota Century SUV“ користи 3,5-литарски V6 plug-in хибриден погон со вкупна моќност од 406 КС, погон на сите четири тркала и батерија со капацитет од 21,3 kWh, која овозможува автономија до 69 километри исклучиво на електрична енергија.
Според јапонските медиуми, се претпоставува дека премиерката се одлучила за SUV модел поради полесното влегување и излегување од возилото, поголемиот простор во кабината, како и електрифицираниот погон, кој нуди повисоко ниво на удобност и ефикасност.










