[ВИДЕО] Ова е автомобилот за кој месечната рата е пониска од рата за мобилен телефон

Супермен

10/07/2026

13:31

2.400

Големина на фонт

а а а

Кинеските производители на електрични автомобили сѐ посилно го освојуваат европскиот пазар, а еден од најновите примери доаѓа од Германија, каде што некои модели можат да се возат со месечна рата што е пониска од сметката за мобилен телефон.

Откако германската влада годинава повторно воведе субвенции за купување електрични автомобили, пазарот доживеа силно закрепнување. Особено профитираа производителите што нудат попристапни модели, меѓу кои се издвои кинескиот „Leapmotor“.

Семејствата со најмалку две деца и годишен приход до 45.000 евра имаат право на државна помош до 6.000 евра при купување ново електрично возило. Овие субвенции значително влијаат и врз условите за финансирање, па некои лизинг-понуди станаа исклучително достапни.


„Leapmotor“, кој на европскиот пазар пристигна со поддршка на групацијата „Stellantis“, моментално го нуди својот градски модел T03 во Германија со лизинг од само 48,90 евра месечно. Договорот е на 36 месеци и вклучува годишна километража до 10.000 километри.


Редовната цена на моделот T03 изнесува 18.900 евра. По истекот на лизингот, купувачот може да го откупи автомобилот за 11.139 евра или едноставно да го врати. Во текот на тригодишниот период, за месечните рати ќе издвои вкупно околу 1.760 евра, поради што оваа понуда се смета за една од најповолните за електрични автомобили на германскиот пазар.

Од компанијата истакнуваат дека оваа исклучително ниска цена не е резултат на распродажба на залихите, туку на комбинацијата од државните субвенции и нивната производствена филозофија. „Leapmotor“ голем дел од клучните компоненти ги развива и произведува самостојно, со што успева значително да ги намали производствените трошоци.


Компанијата, исто така, нагласува дека моделот T03 ги исполнува најновите европски безбедносни стандарди, па нема причина за шпекулации дека возилата се нудат по намалени цени поради претстојни регулаторни промени.

Компанијата бележи и силен раст на продажбата на глобално ниво. Во првите шест месеци од 2026 година испорачани се 356.487 возила, што претставува зголемување од дури 95 отсто во споредба со истиот период лани. Само во текот на јуни на купувачите им биле испорачани 93.376 автомобили, додека од основањето на компанијата досега се продадени повеќе од 1,55 милиони возила ширум светот.


Примерот од Германија покажува колку државните субвенции можат да влијаат врз достапноста на електричните автомобили. Благодарение на нив, за одредени купувачи месечната рата за лизинг денес е споредлива, а во некои случаи дури и пониска од месечната претплата за мобилен телефон.









Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk