Шасивари - Улусој: Размена на искуства со Турција и заеднички проекти во правосудството

Макфакс

05/08/2026

13:00

128

Големина на фонт

а а а

Министерот за правда Јетон Шасивари и амбасадорот на Турција Фатих Улусој се сретнаа за да разговараат за унапредување на билатералната соработка во правосудството, вклучувајќи размена на искуства, обуки и заеднички проекти со цел создавање на поефикасен и модерен правосуден систем.

Министерот за правда Јетон Шасивари денеска оствари работна средба со амбасадорот на Република Турција во земјава, Фатих Улусој, на која беше потврдена заедничката определба за натамошно унапредување на билатералната соработка во областа на правосудството и поддршка на реформските процеси.

Се разговараше за реформите во правосудството, размената на искуства и добри практики, како и реализацијата на нови студиски посети, специјализирани обуки и заеднички активности меѓу правосудните институции на двете земји.

„Силното меѓународно партнерство е еден од клучните предуслови за успешни и одржливи реформи во правосудството. Турција е наш значаен партнер, а размената на знаење, искуства и добри практики ќе придонесе за поефикасен, потранспарентен и помодерен правосуден систем“, истакна министерот Шасивари.

На средбата беше нагласена успешната соработка меѓу Академијата за судии и јавни обвинители и Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), при што беше изразена заедничка подготвеност таа дополнително да се продлабочи преку организирање меѓународни и билатерални конференции, студиски посети и програми за обука на судии, јавни обвинители и други претставници на правосудните институции.

Како особено значајна беше посочена Програмата за размена на искуства во областа на компјутерскиот криминал, реализирана во рамки на Проектот за компјутерски криминал на Советот на Европа, кога Министерството за правда беше домаќин на претставник од Министерството за правда на Република Турција.

Во рамки на продолжувањето на добрата соработка меѓу Република Турција и Република Северна Македонија, во име на министерот за правда на Република Турција, Акин Ѓурлек, на министерот за правда Јетон Шаќири лично му беше врачена покана за учество на меѓународниот самит „Иднината на правдата“, кој ќе се одржи во Истанбул на 8 и 9 октомври.

На овој значаен меѓународен настан ќе учествуваат министри за правда од повеќе земји, високи државни функционери, експерти, професори и претставници од правосудниот сектор, со цел размена на искуства и идеи за унапредување на правдата и владеењето на правото.

„Поканата претставува уште една потврда за пријателските и партнерски односи меѓу двете земји и посветеноста кон зајакнување на институционалната соработка. Министерот Шасивари и амбасадорот Улусој се согласија дека е неопходно натамошно интензивирање на соработката, со цел – градење современ, ефикасен и независен правосуден систем, преку конкретни проекти, институционално поврзување и континуирана размена на професионални искуства“, соопшти Министерството за правда.