Младите математичари од Карпош на прием кај Лукровски

Макфакс

07/08/2026

11:30

158

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот Сотир Лукровски ги прими младите стипендисти од Општина Карпош кои остварија голем успех на 30. Јуниорска балканска математичка олимпијада во Романија, каде што македонските натпреварувачи забележаа значајни резултати и добија признанија.

Градоначалникот Сотир Лукровски денеска ги прими тројцата стипендисти на Општина Карпош, кои неодамна остварија голем успех во рамки на 30. Јуниорска балканска математичка олимпијада (JBMO 2026), која се одржа од 15 до 20 јуни 2026 година во Бузау, Романија. Имено, карпошовите стипендисти беа дел од шестчлената репрезентација на Република Македонија, кои ја претставуваа државата и општина Карпош на едно од најпрестижните меѓународни математички натпреварувања за ученици до 15,5 години.

Во рамки на математичката олимпијада, ученикот од ООУ „Вера Циривири-Трена“, Дарјан Мирчевски освои бронзен медал и со тоа го постигна најголемиот успех на македонската репрезентација. Одличен настап имаше ученичката од ООУ „Јан Амос Коменски“, Калина Тортевска која доби пофалница, додека ученичката од ООУ „Петар Поп Арсов“, Андреа Јовановска, даде значаен придонес на настапот на македонскиот тим.

„Постигнувањето на вакви врвни резултати е силна потврда за талентот, знаењето и посветеноста на младите карпошани, но и за квалитетот на основното образование во Општина Карпош.

Општина Карпош е горда на своите млади математичари и продолжува да вложува во образованието, развојот на талентите и создавање услови за младите да го реализираат својот потенцијал“, се наведува во соопштението на Општината.