Најмалку 12 лица загинаа, а десетици се повредени откако полски туристички автобус рано утрово се преврте на автопатот М3 во источна Унгарија.
Несреќата се случила околу 1 часот по полноќ во близина на Мезокерештеш. Според унгарската полиција, автобусот со полски регистарски таблички се движел кон градот Ниредхаза.

Во автобусот имало 57 патници и двајца возачи. Од нив, 12 лица загинале, додека најмалку 10 се повредени, а повеќе патници се здобиле со тешки повреди.

Според унгарските власти, спасувачките екипи со часови ги извлекувале патниците од тешко оштетениот автобус. Поради неговата тежина од околу 24 тони, биле ангажирани и цивилни кранови, додека пожарникарите со витла се обидувале да го подигнат возилото за да ги ослободат луѓето кои останале заробени под него.

Спасувачите во автобусот влегувале и преку прозорците за да стигнат до повредените. До 3 часот наутро биле извлечени 35 лица, но дел од патниците сè уште биле приклештени под возилото.

Полицијата го затворила овој дел од автопатот поради увидот и извлекувањето на автобусот. Подоцна во изјава за јавноста, унгарската полиција соопшти дека веројатно возачот кој е приведен заспал и го предизвикал инцидентот. Сообраќајот се пренасочува во близина на Мезокерештеш, а на автопатот повторно се приклучува кај Емод.

На местото на несреќата биле испратени бројни екипи на итната медицинска помош, согласно протоколот за масовни несреќи. Повредените се транспортираат во болници.

Од Полска веќе е испратен заменски автобус кој треба да ги преземе преживеаните патници.












