Брисел сака да ги заостри правилата за остатоци од пестициди во увезените земјоделски производи. Последица од тоа, според анализата на Европската комисија, би можеле да бидат значително повисоки цени на храната и помала достапност на одредени производи.
Утринското кафе, чашата сок од портокал или палачинките со боровинки наскоро би можеле да станат поскапо задоволство. Доколку Европската Унија го спроведе планот според кој за увезените производи би се применувале уште построги стандарди за остатоци од одредени пестициди, потрошувачите би можеле тоа значително да го почувствуваат по својот џеб.
Анализата на Заедничкиот истражувачки центар (ЈРЦ), научната служба на Европската комисија, ги потврдува предупредувањата на земјоделците надвор од ЕУ. Во најнеповолното, хипотетичко сценарио, во кое производителите од трети земји не би го приспособиле производството на новите правила, кафето би можело да поскапи дури за 332 отсто, а цитрусното овошје за 82 отсто, пишува „Политико“.

Истовремено, увозот на земјоделски производи во ЕУ би се намалил за околу 41 отсто, додека сточарите би можеле да плаќаат повеќе за добиточна храна.
Дури и во пореалистичните сценарија што ги разгледувал ЈРЦ, во кои производителите надвор од ЕУ делумно или во поголема мера би се приспособиле на новите правила, се очекуваат повисоки цени за потрошувачите и пад на увозот. Од друга страна, зголемената побарувачка би можела да го поттикне домашното европско производство.
Планот е дел од поширок пакет со кој Брисел сака да ги поедностави правилата за безбедност на храната и добиточната храна. Според него, остатоците од одредени пестициди, кои се забранети во ЕУ поради здравствени и еколошки ризици, во увезените производи практично би морале да бидат сведени на техничка нула.

За европските земјоделци ваквата идеја е привлечна бидејќи би требало да обезбеди порамноправни услови за пазарна конкуренција. Таа особено доби на значење по незадоволството на европските земјоделци од трговскиот договор со Меркосур, во кој членуваат Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругвај.
Сепак, производителите надвор од ЕУ предупредуваат дека таквата политика би можела да претставува еден вид трговска бариера. Станува збор за таканаречените „огледални клаузули“, со кои правилата на ЕУ се настојува да се применат и на производите произведени надвор од Унијата.
Производителите од бројни земји тврдат дека Брисел притоа го занемарува фактот дека земјоделците во различни делови од светот се соочуваат со различни климатски услови, штетници и услови за одгледување.
„Изборот е меѓу јагодесто овошје достапно во текот на целата година – здраво, безбедно и по пристапна цена – или ограничено производство по висока цена“, порачал Амин Бенани, претседател на Мароканското здружение на производители на јагодесто овошје.

Според неговите зборови, она што Брисел го нарекува „усогласување на стандардите“ во практика би можело да стане „трговска пречка“. Здружението тврди и дека не било консултирано, иако новите правила би можеле да влијаат врз околу 250.000 луѓе вработени во овој сектор во Мароко.
Слична загриженост доаѓа и од Јужна Африка, чии производители на овошје и трпезно грозје предупредуваат дека извозот е клучен за егзистенцијата на илјадници работници. Против мерката се изјасниле и производителите на житни и мешункасти култури од Канада, производителите на дињи од Хондурас, бразилскиот земјоделски и сточарски сектор, како и производителите на бадеми од Калифорнија.
Европската комисија тврди дека сака да спречи преку увозот во ЕУ повторно да се појават најопасните пестициди, чија употреба е забранета во рамките на Унијата.
Комисијата притоа нагласува дека дозволените нивоа на остатоци од пестициди веќе се утврдени на начин што го штити здравјето на потрошувачите. Критичарите, сепак, сметаат дека со новите правила се оди чекор понатаму – не само поради директниот ризик за здравјето на луѓето, туку и поради пошироката забрана на супстанции што претставуваат еколошки или други здравствени ризици.

Дополнителна неизвесност создава фактот што Комисијата сè уште нема конечно утврдено кои забранети активни супстанции би биле опфатени со новите правила.
Студијата на ЈРЦ идентификувала 18 активни супстанции кои би можеле да бидат опфатени со забраната за остатоци, а тоа би можело да влијае врз 235 видови земјоделски производи од 86 земји.
Европската комисија ќе ги носи одлуките од случај до случај, земајќи ги предвид проценките за економските и другите влијанија.
Прашањето наскоро би можело да прерасне и во меѓународен трговски спор. Австралија, Канада, Парагвај и Соединетите Американски Држави веќе ја оспорија мерката пред Светската трговска организација.
Меѓународните здруженија на производители на свежо овошје и зеленчук предупредуваат дека постојните глобални стандарди за безбедност на храната веќе ги штитат потрошувачите, а истовремено овозможуваат непречена меѓународна трговија.
Од друга страна, некои членки на ЕУ силно ги поддржуваат таканаречените огледални клаузули. Нивниот аргумент е дека европските земјоделци не би требало да бидат принудени да почитуваат строги правила, додека истовремено на пазарот на ЕУ влегуваат производи од земји во кои такви ограничувања не постојат.

Франција е меѓу најгласните поддржувачи на ваквиот пристап. Париз на почетокот на годината веќе воведе национални забрани за производи со остатоци од одредени пестициди чија употреба е забранета во ЕУ, со што беше ограничен увозот на одредени видови компири и авокадо.
Со други зборови, доколку овој тренд продолжи, љубителите на утринското кафе, овошјето и – особено – тостот со авокадо би можеле да имаат уште една причина за внимателност при следното одење во продавница.