Необична испакнатина под костумот на 80-годишниот американски претседател била забележана на снимка што во петокот на платформата Икс ја објави портпаролката на Белата куќа во заминување, Керолајн Ливит, од неговиот собир на Лонг Ајленд.
На снимката се гледа како Трамп се симнува од бината и им приоѓа на собраните граѓани, додека задниот дел од неговиот костум забележливо штрчи, како под него да има некаков цврст предмет со квадратна форма.
Необичната форма не се поместувала ниту ја менувала положбата додека претседателот, кој се соочува со сè подолг список на здравствени проблеми, се движел кон насобраните луѓе, а потоа се враќал кон говорницата.
Шпекулациите за тоа што се криело под неговиот костум веднаш се проширија на социјалните мрежи.
„Сериозно, што се случува со задникот на Трамп? Изгледа како да има некаков механизам прицврстен одзади“, коментирал на Икс независниот новинар Ерон Рупар.
„Зависи“, кратко прокоментирал Џорџ Конвеј, поранешен конзервативен адвокат и познат критичар на Трамп, јасно алудирајќи на „Depend“ (Зависи), познатиот американски бренд на пелени за возрасни.
„Мислам дека тоа е една голема пелена“, директна била чешко-американската тениска легенда Мартина Навратилова.
Трамп (80), највозрасната личност што некогаш стапила на функцијата претседател на САД, веќе со години се соочува со гласини дека носи пелени за возрасни, иако неговиот биограф минатата недела во поткастот „Inside Trump’s Head“ рекол дека нема никаква основа за таквите тврдења.
Други коментатори, пак, отидоа во сосема друга насока.

„Убаво е да се види дека повеќе не ја крие стомната кеса“, напишал еден корисник под објавата на Каролин Ливит.
„Дали е тоа бразилско подигнување на задникот?“, се пошегувал друг.
Од Белата куќа не одговориле на барањето за коментар.
Гласините дека Трамп под облеката крие медицински помагала се појавуваат во момент кога јавноста и медиумите сè повнимателно ја следат неговата здравствена состојба за време на неговиот втор претседателски мандат.
Медиумите ги следеа неговите здравствени проблеми, вклучувајќи модринки на рацете, отечени зглобови на нозете, како и бројни ситуации во кои заспивал за време на јавни настани.
Покрај тоа, во јавноста се појавувал и со необичен осип на вратот. Редовно се фали дека „растурил“ на тестот за откривање деменција, за кој тврди дека ја мери интелигенцијата, а познат е и по тоа што за време на интервјуа и јавни настапи често скршнува од темата и ја губи мислата.
Се чини дека Трамп се збунил и за време на споменатиот говор на Лонг Ајленд, кога го заборавил името на жената која непосредно пред тоа јавно ја поддржал во трката за главна обвинителка на сојузната држава Њујорк, Сарита Коматиреди.
„Имате личност која се кандидира, а која денес првпат ја запознав и ја поддржав нејзината кандидатура за државна обвинителка“, рекол Трамп, а потоа, не успевајќи да се сети на нејзиното име, несмасно извикал од говорницата:
„Каде сте, по ѓаволите… Госпоѓо? Каде сте?“.