Луксузот на Ендру Тејт бил само глума: Адвокатите откриваат што било изнајмено

Супермен

26/08/2026

09:18

609

Големина на фонт

а а а

Ендру Тејт изнајмувал суперавтомобили и јахти за на социјалните мрежи да се прикажува како екстремно богат, изјави неговиот адвокат.

Правниот тим на браќата Тејт тврди дека двајцата намерно се претставуваат како побогати отколку што навистина се, бидејќи нивниот деловен модел зависи од вниманието на интернет, пишува „Гардијан“.


Овие тврдења се дел од судскиот поднесок во Мајами со кој браќата Тејт се спротивставуваат на екстрадицијата во Велика Британија. Британските власти ги бараат поради истрага за силување, напад и поттикнување на трговија со луѓе со цел сексуална експлоатација. Двајцата беа уапсени во јули и од федералниот притвор на Флорида преку социјалната мрежа Икс порачаа дека се невини.

Глумење за интернет-публиката

Во судскиот поднесок нивните адвокати наведуваат: „Ендру и Тристан се личности од социјалните мрежи. Нивниот деловен модел зависи од вниманието на интернет“.

„Суштината е токму во скандалозноста на објавите што ги пишуваат тие или што се пишуваат за нив. Колку е објавата попретерана и побизарна, толку е поверојатно дека ќе привлече прегледи и лајкови, што на крајот им носи заработка. Накратко, тие глумат улога“, стои во поднесокот.

Изнајмен луксуз и лажно богатство

Правниот тим на браќата Тејт истакнува дека фотографиите од луксузни јахти, суперавтомобили и скапи часовници кои ги споделувале на интернет не треба да се сметаат за доказ за нивното вистинско богатство.

„Промотивното видео снимено на јахта не е доказ дека јахтата е во сопственост на некого. Таа „суперјахта“ не им припаѓа на браќата Тејт. Тие добиле надомест за да го промовираат бродот на социјалните мрежи“, се појаснува во документот.

Адвокатите додаваат дека браќата водат бизниси во кои ги подучуваат мажите како да заработуваат пари, па затоа им е во интерес да се прикажуваат како исклучително богати. „На пример, Астон Матин вреден 2,1 милион долари и Бугати автомобилите вредни 5 и 7 милиони долари, кои се појавуваат во видеата на Тристан, биле изнајмени. Проценката за колекцијата часовници на Ендру се темели на публикација од трета страна наменета за ентузијасти“, пишува во поднесокот.


„Сите тие објави се чисто претерување“

Адвокатите се осврнале и на профилот на Ендру Тејт на платформата Икс, каде што се сугерира дека неговите твитови му носат деветцифрени суми, како и на неговите претходни најави дека ќе стане британски премиер. „Сите тие објави се чисто претерување“, стои во поднесокот. Отфрлени се и тврдењата за неограничени ресурси во готовина и криптовалути.

Во документот се споменува и наводниот мексикански пасош на име „Владимир Скорпиус“, за кој адвокатите тврдат дека бил само „картонски реквизит што Тристан го користел како дел од костимот за Ноќта на вештерките“.

„Никој сериозно не може да тврди дека Тристан презел таен идентитет под името на познат измислен супернегативец за да бега од меѓународните органи на редот“, се заклучува во поднесокот.

Обвиненија во Велика Британија и Романија

Ендру Тејт (39) и Тристан Тејт (38) беа уапсени во Мајами на 18 јули. Британското кралско обвинителство (CPS) следниот ден потврди дека против нив поднело нови обвиненија кои се однесуваат на кривични дела извршени врз четири жртви.


Паралелно со тоа, четири жени во Англија водат граѓанска постапка против Ендру поради обвиненија за сексуално насилство. Неговите адвокати претходно изјавија пред Високиот суд дека тој „целосно ја негира каква било вина“.

Три од четирите жени кои ја покренале постапката го пријавиле Тејт во полицијата во Хертфордшир за силување и сексуален напад уште во 2014 и 2015 година, но обвинителството тогаш се откажало од случајот. Граѓанското судење беше одложено во мај годинава, откако полицијата најави дека повторно ќе ги истражува истите кривични дела. „CPS“ потоа објави дека дополнителни 38 обвиненија, покрај 21-те постојни, се однесуваат на дела извршени во периодот од јули 2010 до август 2017 година.


Браќата се соочуваат и со правна постапка во Романија. Планот бил тие да бидат екстрадирани во Велика Британија по завршувањето на романската постапка, а европските налози за апсење биле издадени уште во 2024 година.


Ендру завчера на платформата Икс објави дека ќе се бори против екстрадицијата. „Мојот живот е филм, а јас сум свој сопствен каскадер“, напиша тој.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk