[ФОТО] „VW“ направи пикап кој би можел да биде хит – но нема да можете да го купите

Точка

26/08/2026

13:29

430

Големина на фонт

а а а

„Volkswagen Tukan“ е нов компактен пикап со благ хибриден погон.

„Volkswagen“ во Бразил го претстави „Tukan“, нов компактен пикап кој од 2027 година ќе се обиде да преземе дел од пазарот на модели како „Fiat Strada“ и „Chevrolet Montana“.

„Tukan“ е целосно развиен и ќе се произведува во Бразил, а ќе го замени долговечниот „Saveiro“.

Ќе биде достапен во верзија со еден ред седишта („single-cab“) или со два реда седишта („double-cab“).


Верзијата „single-cab“ е наменета за купувачите на кои приоритет им е што поголем товарен простор, додека „double-cab“ ќе понуди повеќе простор за патниците.

Дизајнот го следи актуелниот стил на „Volkswagen“, со остри „LED“ светла инспирирани од европскиот „Tiguan“, нагласени калници и големо количество заштитна пластика.

Најбогатата верзија „Extreme“ ќе има специјална жолта боја, темни алуминиумски фелни, целосно „LED“ осветлување и заштитна рамка зад кабината.


Техника од „T-Cross“, но со лиснати пружини

„Tukan“ користи преработена верзија на механичката платформа „MQB“, која се наоѓа и под моделот „T-Cross“.

Сепак, ова е првиот модел на платформата „MQB“ кој користи задни лиснати пружини, решение што овозможува поголема носивост.

„Volkswagen“ наведува дека прототипите во текот на развојот поминале повеќе од два милиони километри.


Деталните спецификации сè уште не се објавени, но потврдено е дека „Tukan“ ќе добие 1,5-литарски турбо „TSI“ благ хибрид, покрај класичните мотори кои ќе можат да користат бензин и етанол.

Производството ќе се одвива во фабриката во Сао Жозе дос Пињаис, во Бразил, при што дури 76 проценти од компонентите ќе бидат произведени локално.


Првите испораки на јужноамериканскиот пазар се очекуваат на почетокот на 2027 година.

„Volkswagen“ ќе инвестира околу 3,9 милијарди долари во развојот и производството на нови модели во регионот, а „Tukan“ е дел од поширокиот план кој предвидува дури 21 нов модел до 2028 година.