Канаѓаните ги „удрија“ Американците таму каде што најмногу боли: Ги бојкотираат производите, но и патувањата во САД

Супермен

27/08/2026

08:22

459

Големина на фонт

а а а

Ескалацијата на трговската војна со Соединетите Американски Држави поттикна бран на економски патриотизам во Канада, чија влада, посилно од кога било досега, ги повикува граѓаните да ги бојкотираат американските производи.

По почетокот на царинската офанзива на американскиот претседател Доналд Трамп, Канаѓаните започнаа масовен бојкот на производите од САД: американските вина и алкохолните пијалаци исчезнаа од полиците во повеќето покраини, а забележан е и значителен пад на бројот на канадски туристи во САД. Владата во Отава не се воздржува од дополнително поттикнување на таквата мобилизација.

„Корисно е да се потсетиме дека најголемата моќ што ја поседуваме е нашата сопствена куповна моќ. Можеме и мораме да избереме да купуваме канадски производи“, изјавил во вторникот министерот за финансии Франсоа-Филип Шампањ при претставувањето на канадскиот одговор на новите американски царини.


„Кога ќе изберете канадски производ, освен што вршите притисок врз САД, ги заштитувате работните места во Канада“, додала министерка за индустрија Мелани Жоли.

Питер Џанополис, менаџер на еден супермаркет во Монтреал, потврдил дека „веќе забележува разлика“ во однесувањето на потрошувачите откако канадската влада донела одлука да ги прекине трговските преговори со Вашингтон, пренесе „Франс прес“.

„Купувачите се распрашуваат за потеклото на производите и секогаш ги претпочитаат оние од Квебек, дури иако се поскапи“, истакнал Џанополис.

Во продавниците од минатата година многу почесто се појавуваат ознаки со јаворов лист, симбол од канадското знаме со кој јасно се означува потеклото на производот.


На економски патриотизам повикуваат и бројни трговски синџири. Во Монтреал, во продавницата на „Canadian Tire“ (Канедиан Тајр), синџир познат по продажбата на опрема за домот и алати, вработените во средата носеле маици со натпис „Сите играме за Канада“.

Бојкотот се прелеал и во туристичкиот сектор.


„Одлучив во следните неколку години да не одам на одмор во Соединетите Американски Држави“, изјавила адвокатката Шарлот Димонсо за „Франс прес“.

Туристичкиот бојкот, кој минатата година доведе до пад на бројот на Канаѓани во САД за 25 отсто, во последните месеци сепак почнал да покажува знаци на слабеење.

Во јуни од Канада кон САД биле реализирани 2,3 милиони патувања, што претставува меѓугодишен пораст од пет отсто, наведе канадскиот завод за статистика.


Загрижените туристички работници во некои американски сојузни држави долж границата се обидуваат да ги привлечат Канаѓаните со попусти и пораки. Така, сојузната држава Њујорк ја започнала иницијативата „New York Loves Canada“ (Њујорк ја сака Канада), со која до крајот на годината нуди низа промотивни акции.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk