Интер рутински ги доби првите два натпревари во Серија А, но од соочувањето со Наполи клубот од Милано игра интересни, возбудливи и драматични мечеви.
Против поранешниот клуб на Елиф Елмас губеше со 2-0 и со пресврт дојде до славје од 3-2, вчера против Удинезе исто имаше минус од два гола и потоа испорача триумф од 5-3, а тука е и битката со Реал Мадрид на која не се врати од негатива од 2-0, ама постојано беше активен и придонесе за одлично соочување на „Бернабеу“.
- Ова се нашите квалитети и она што знаеме како да го правиме. Можеме да постигнеме многу голови и да останеме на високо ниво, па освен првите 25 минути каде што се обидовме да направиме одредени работи без вистинска енергија, а Удинезе добро го искористи нашиот став, добро реагиравме.
- Останавме во играта, не сакавме да изгубиме и задоволен сум од тоа. Исто така, треба да анализирам што не функционираше и што веројатно не можев да му пренесам на тимот. Навистина го очекував тоа, бидејќи Лигата на шампионите навистина ви ја троши енергијата, - истакна Киву кој запрашан за тоа дали е загрижен што екипата прима доста голови во последно време, тој одговори:
- Ако не сум загрижен, тогаш не сум тренер. Ова е модерен фудбал, има голема доза на интензитет, противниците тргнаа на нас и ми се допаѓа овој начин на игра, дури и ако тоа значи преземање ризици. Ми се допадна голот за 2-2 кој беше поттикнат од брзото враќање на топката. Не сме совршени, знаеме дека имаме многу работа и области каде што треба да се подобриме, - порача Романецот.
Следно за Интер е дербито со Рома, двете екипи со 100 процентен учинок во Калчото.
- Како играч и тренер, никогаш не сум видел совршен фудбалски тим. Мора да се обидеме да дадеме се од себе и да го одржиме нашиот идентитет, поради нашите вредности и принципи, и тактички и човечки. Така ми се допаѓа, но во некои натпревари функционира подобро од други, таков е спортот.
- Наоѓањето на вистинската рамнотежа е клучно, правењето одредени работи без губење на идентитетот на оваа група. Некои од играчите немаа целосна предсезона и треба да влезат во форма, се обидуваме да ги натераме сите да играат за да помогнеме во тој процес. Ги знаеме ризиците што се вклучени во тоа.
- Очигледно, ова е важен натпревар пред долгата пауза за репрезентативните обврски, кога мислам дека ќе останам со околу тројца играчи на тренинг, - рече тренерот на шампионот.












