Истражувањето нови места и запознавањето со локалните обичаи се едни од главните мотиви за патување, но доживувањето на одморот може да го расипе средба со нељубезни локални жители.
Искуствата на патниците покажуваат дека ваквите средби се поверојатни во некои дестинации отколку во други.
Советничката за бонтон Џо Хејс за „Дејли мејл“ ги истакнала местата кои, според впечатоците на туристите, се сметаат за најмалку гостопримливи.
Париз, Франција
Париз, според Хејс е на врвот на листата на градови со најнепријателски однос кон туристите. Таа објаснила дека локалното население не е особено воодушевено доколку посетителите не зборуваат француски.

Иако повеќето парижани добро зборуваат англиски, многумина одбиваат да го користат и делуваат изнервирано затоа што туристите не знаат или не се обидуваат да зборуваат француски. Сепак, Хејс напоменала дека другите региони во Франција се значително погостопримливи.
Италија
Италија е следна на листата. Иако земјата е исклучително популарна, некои туристи сметаат дека локалното население не е особено воодушевено од нивното присуство.
Еден корисник на Редит наведе дека Италијанците, за разлика од Британците, не ги почитуваат редиците и се туркаат. Друг патник на Фејсбук ги предупреди посетителите на Рим дека треба да очекуваат непристојно однесување.

„Градот е прекрасен и преполн со уметност, но луѓето се меѓу најлошите што сум ги сретнал, а сум патувал многу“, напиша тој.
Германија
На третото место е Германија, за чии жители некои туристи велат дека во комуникацијата можат да делуваат непристојно.

Еден корисник на Редит го опиша своето искуство од четири германски градови и напиша дека, со исклучок на една средба, „секоја друга интеракција, ама баш секоја, беше ужасна“.
Јужна Кореја
Како една од помалку љубезните дестинации е оценета и Јужна Кореја.
Турист кој неодамна ја посетил оваа земја изјавил за „Дејли мејл“ дека жителите на Сеул му делувале „грубо“. Тој се пожалил дека му викале и го туркале додека го разгледувал градот.

Њујорк, САД
Њујорк е исклучително популарен, но според мислењето на посетителите, тој е и еден од најнељубезните градови.
Њујорчани се познати по својот директен пристап, а Њујорк се смета за најнељубезниот град во САД. Еден њујорчанец на Редит објаснил дека тој и неговите сограѓани не се непристојни, туку едноставно не се претерано срдечни.

Полска, Унгарија и Чешка
Хејс на крајот ги издвоила Полска, Чешка и Унгарија. Таа рекла дека овие земји имаат репутација дека се нељубезни кон туристите, особено кон оние кои доаѓаат надвор од Европа или од Источна Европа.
Сепак, истакнала дека главно станува збор за културолошки разлики.

„Ладниот“ пристап во комуникацијата со посетителите, како што објаснила таа, локалното население не го доживува нужно на ист начин како туристите.














