Серафимовски – Ле Риголер: Постојат нови можности за продлабочување на соработката со Франција во земјоделството

Макфакс

22/09/2026

15:50

136

Големина на фонт

а а а

Министерот за земјоделство, Борче Серафимовски, и францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер се сретнаа за да разговараат за унапредување на соработката меѓу Северна Македонија и Франција во областа на земјоделството, со акцент на европските интеграции, промоцијата на македонските производи и отворање нови пазари.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски денес оствари работна средба со амбасадорот на Француската Република во Северна Македонија, Кристоф Ле Риголер и регионалниот советник за земјоделство, Александре Мартинез.

На средбата беше разговарано за продлабочување на соработката меѓу двете земји во областа на земјоделството, со посебен акцент на размената на искуства и знаења, особено во делот на европските интеграции и усогласувањето со европските стандарди и практики.

Посебно внимание беше посветено на можностите за поголемо присуство на македонските земјоделски и прехранбени компании и изложувачи на француските саеми, со цел промоција на македонските производи, отворање нови пазари и воспоставување нови деловни партнерства.

Министерот Серафимовски и амбасадорот Ле Риголер ја потврдија заедничката заложба за продолжување на конструктивниот дијалог и развивање конкретни иницијативи од заемен интерес, насочени кон модернизација, поголема конкурентност и меѓународна промоција на македонското земјоделство.