„Ми зедоа 99 отсто од заработката, сметката ми ја оставија на нула“: Пропаста на легендарниот Роберто Карлос, откри како преку ноќ останал без сè

Точка

25/09/2026

15:49

1.252

Големина на фонт

а а а

Роберто Карлос беше една од најголемите фудбалски ѕвезди на својата генерација, но по завршувањето на играчката кариера поминал низ исклучително тежок период.

Легендарниот Бразилец откри дека поради проблеми со агентите и семејството изгубил дури 99 отсто од парите што ги заработил во текот на кариерата.

Поранешниот лев бек на Реал Мадрид за финансискиот крах зборуваше на „Portugal Football Summit“, каде што учествуваше во разговор за градењето личен бренд и животот на фудбалерите по завршувањето на кариерата.

„Секогаш размислував за периодот по играчката кариера. Како играч мора да ја изградите својата приказна и да го искористите својот имиџ. Кога одлучив да ја завршам кариерата, веќе имав лиценца за спортски директор и соработував со бројни брендови“, изјави Роберто Карлос.


Сепак, и покрај тоа што се обидел навреме да се подготви за животот без фудбал, работите тргнале во сосема поинаква насока.

Бразилецот тврди дека поради луѓето на кои им верувал практично останал без целото свое богатство.

„Имав проблеми со луѓе кои ми ги оставија банкарските сметки на нула. Поради агентите и семејните проблеми изгубив 99 отсто од сè што заработив во фудбалот. Направив грешки и затоа им велам на помладите играчи да не ги повторуваат.“


Можеби и најдобриот лев бек на сите времиња на тој начин целосно пропаднал, а сè се случило речиси преку ноќ.

Тој го откри и моментот во кој неговиот живот практично преку ноќ целосно се променил.

„Имав сериозен проблем со поранешниот агент. Имав и многу сериозен семеен проблем. Еден четврток си легнав на полноќ, а во петокот добив куп документи за кои не ни знаев дека постојат. Тогаш изгубив сè што создавав.“


Роберто Карлос денес има 53 години и е амбасадор на Реал Мадрид, клубот во кој се стекна со статус на легенда. За мадридскиот клуб одигра 527 натпревари, додека дресот на репрезентацијата на Бразил го носеше 127 пати.

Најголемиот успех со националниот тим го оствари во 2002 година, кога стана светски шампион, додека во текот на кариерата изгради статус на еден од најдобрите леви бекови на својата генерација.

Бразилецот тврди дека во меѓувреме успеал повторно да го среди приватниот и финансискиот живот, а своето искуство денес го користи како предупредување за помладите фудбалери добро да внимаваат кому му ги доверуваат парите и управувањето со кариерата.