Скот Хикл триесет дена ја заменил својата вообичаена исхрана со пици, бургери, крофни и грицки.
Скот Хикл решил да спроведе личен експеримент. Еден месец јадел исклучиво ултрапреработена храна за да види како ќе се промени неговото тело и цревниот микробиом.
Како што е опишано во студијата на компанијата „Tiny Health“, Хикл пред почетокот на експериментот главно јадел балансирани оброци богати со протеини, овошје и зеленчук. Потоа, преку ноќ, ги заменил со замрзнати пици, бургери од ресторани за брза храна, крофни и грицки.
Сепак, се обидел да не промени сè останато. Во текот на 30 дена задржал приближно ист внес од 3.200 калории, како и рутината на вежбање, распоредот на спиење и внесот на течности. Идејата била најголемата промена да биде токму квалитетот на храната.

Што покажале анализите?
Пред почетокот на експериментот, Хикл дал примерок за анализа на цревниот микробиом и на одредени маркери во столицата, а тестирањето било повторено по 30 дена.
Според резултатите што ги објавила „Tiny Health“, бројот на параметри означени како оние на кои им е потребно дополнително внимание се зголемил од три на осум. Забележан бил и пораст на одредени микроорганизми кои тестот ги вбројува меѓу непожелните, како и промени во бактериите кои се сметаат за корисни за цревата.
Особено се издвојила бактеријата Akkermansia. Нејзиното учество во примерокот пред експериментот изнесувало 0,24 отсто, додека по 30 дена на тестот паднало на нула. „Tiny Health“ наведува дека истовремено бил забележан пораст на некои други групи бактерии, меѓу нив Enterobacteriaceae, од 0,16 на 1,33 отсто.
Зголемени биле и калпротектинот и лактоферинот, маркери кои можат да укажуваат на воспалителни процеси во гастроинтестиналниот тракт. Сепак, самите резултати од овој единствен експеримент не можат да утврдат причинско-последична врска, ниту да покажат дека истото би се случило кај друго лице.

Промената не била забележана само во цревата
Хикл во текот на месецот го следел и расположението, енергијата и концентрацијата. Како што одминувал експериментот, тој самиот пријавувал нивно постепено опаѓање, а навел и чувство на „магла во главата“. Континуираното следење на глукозата покажувало нагли скокови и падови по оброците богати со шеќер, иако просечното ниво на шеќер му останало во границите на нормалата.
Уште еден наод го привлекол вниманието. Хикл го мерел нивото на тестостерон пред и по експериментот, а според податоците што ги објавила „Tiny Health“, вкупниот тестостерон му се намалил за 24 отсто. Слободниот тестостерон се намалил од 180,9 на 125,9 pg/mL, односно за околу 30 отсто. Вкупниот тестостерон, и покрај падот, останал во референтниот опсег.
Авторите исто така наведуваат дека му се зголемила количината на висцералното масно ткиво, иако на страницата не се наведени конкретни почетни и конечни вредности.

„Нема да го повторам ова“
По завршувањето, Хикл се вратил на својата претходна исхрана. Навел дека чувството на ментална заматеност и секојдневната состојба релативно брзо се подобриле, додека промените во микробиомот не исчезнале преку ноќ.
Неговиот експеримент секако има големо ограничување. Станува збор за само едно лице, без контролна група, а резултатите ги објавила компанија која продава тестови за цревниот микробиом.
Сепак, постојат и контролирани истражувања кои покажуваат дека составот на исхраната може да направи мерлива разлика. Во рандомизирана студија на американскиот Национален институт за здравје (NIH), 20 возрасни лица поминале по две недели на ултрапреработена и минимално преработена исхрана.
Додека имале пристап до ултрапреработена храна, учесниците спонтано внесувале во просек околу 500 калории дневно повеќе и добивале на тежина, иако понудените оброци биле усогласени според калориите, макронутриентите, шеќерот, солта и влакната.










