На 3 октомври во Скопје ќе се одржи културната манифестација „Бела ноќ 2026“ со концерти, изложби, диџејски настапи и програма за деца, со цел да ја поврзе уметноста и музиката низ повеќе големи локации во градот.
На 3 октомври, во организација на ЈУ „Универзална сала“ и Град Скопје, главниот град ќе живее во ритамот на „Бела ноќ“, со концерти, изложби, диџејски настапи и програма за најмладите.
Плоштадот „Мајка Тереза“ (на платото пред МОБ), на 3 октомври ќе обедини повеќе генерации публика со програма што започнува со детска песна и театар, а продолжува со концерти и музика по полноќ. Настанот е дел од „Бела ноќ 2026“, во организација на ЈУ „Универзална сала“ и Град Скопје, која и годинава ќе ги поврзе градските плоштади, улици, музеи и галерии во заедничка ноќ на културата.

Програмата на плоштадот „Мајка Тереза“ започнува во 18:00 часот со детскиот фестивал „Поточиња“, а во 18:45 часот следува „Театар за тебе“, интерактивен театар за деца. Од 19:30 часот публиката ќе ја раздвижи DJ Bono, по што во 20:30 часот настапува „Допамин бенд“. Во 22:00 часот, сцената им припаѓа на Игор Џамбазов и „Гуру Харе бенд“, додека од 00:00 часот музичката програма продолжува со DJ Tammy и DJ Toshevv.
Кај фонтаната „Лотус“, „Бела ноќ“ ќе донесе вечер посветена на електронската музика. Програмата започнува во 20:30 часот со Flooder & Vaso, продолжува во 22:00 часот со DJ Vecky – Fluere, а од 00:00 часот настапува Invictoz – Sempre.
На платото пред Музејот на современата уметност, од 20:00 часот, ќе се одржи „IN BETWEEN 04“, со DJ AYŪ од Берлин, DJ Peneva, DJ Stefan Strange, DJ Bole и DJ Luka, дополнувајќи ја музичката понуда на манифестацијата.
На „Боемска улица“ ќе се одржи „Боемска бела ноќ“ на која ќе настапи младиот Владмир Поповски со бенд и DJ Тоше Вељанов.
Покрај концертните и диџејските настапи, „Бела ноќ“ ќе понуди и средби со современата ликовна и мултимедијална уметност. Во Домот на градежниците ќе бидат претставени самостојната изложба на Марија Рашковиќ и групната изложба „Вортекс“. Во Чифте амам публиката ќе може да ја посети изложбата „Пресек“ на Ирена Паскали, а во „Мала станица“ мултимедијалната изложба „Меѓу светови“ на Воскресија Андреевска.
Дел од содржините ќе започнат уште во текот на денот. Во Детскиот културен центар „Карпош“, во 09:00 часот, е најавена изложба на детски ликовни творби. Во Паркот на поезијата при Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, во 12:00 часот, ќе се одржи
„Нацртај песна“, а во 19:00 часот следува изложбата „Види ја поезијата“, поврзувајќи ги литературата, имагинацијата и визуелното изразување.
Археолошкиот музеј ќе ги пречека посетителите со бесплатен влез и содржината „35 предмети, 35 приказни“, отворајќи простор за откривање на културното наследство и приказните што ги чуваат музејските предмети.
На мапата на „Бела ноќ 2026“ се и Младинскиот културен центар, Мостот на уметноста, Боемска улица, Старата скопска чаршија, Музејот на град Скопје, „Аудио култура“ и улица „Македонија“. Заедно, овие локации ќе понудат можност за поинаква прошетка низ Скопје, исполнета со уметност, музика и средби.
Вечерната програма на манифестацијата ќе се одвива од 19:00 до 03:00 часот, со одделни дневни содржини и детска програма што започнуваат порано. ЈУ „Универзална сала“ и Град Скопје ги покануваат граѓаните и посетителите да бидат дел од „Бела ноќ“ и да го доживеат градот преку неговата креативност и културна разновидност.
На 3 октомври – Скопје не спие!
















