Славниот француски клуб продаден за само едно евро

Точка

30/09/2026

13:04

912

Големина на фонт

а а а

За Бордо започнува ново поглавје. Шесткратниот француски фудбалски шампион во последните години западна во сериозни финансиски проблеми, а летово испадна во шестата лига.

Сега славниот клуб е продаден на нов сопственик – за симболична цена од едно евро.

„ФК Жирондинс де Бордо го објавува потпишувањето на договорот за купопродажба меѓу компанијата на Жерар Лопез, актуелниот сопственик на клубот, и „Park Bench“.

Оваа трансакција ќе биде завршена за симболично едно евро, со преземање на долговите“, објави клубот.

Токму тука се крие клучната точка во врска со продажната цена – американскиот инвестициски фонд „Park Bench“ треба да обезбеди повеќемилионски износ за реструктурирање на клубот.


Француските финансиски експерти проценуваат дека станува збор за износ од 18 милиони евра.

Денес беше објавен уште еден дел од договорот – Жерар Лопез, сопственик на клубот од 2021 година, се откажува од сите свои акции.

Трговскиот суд во Бордо сè уште треба да го одобри преземањето, наведува „Bild“.

Во јануари 2025 година, легендарниот германски голман и поранешен извршен директор на Баерн Минхен, Оливер Кан (59), исто така сакал да инвестира во Жирондинците.


Шест месеци подоцна, тој се откажал од инвестициските планови бидејќи не бил убеден од целокупната состојба во клубот.

Фудбалски легенди како Зинедин Зидан (54), Биксент Лизаразу (56) и Јоан Мику (52) некогаш играа за клубот од јужна Франција, но славните денови одамна се минато.

Во 2024 година, соочен со сериозни финансиски проблеми, клубот се откажа од професионалниот статус и испадна во четвртата лига. Дополнителните финансиски тешкотии доведоа до уште еден пад од два ранга во јули.


Сега Жирондинците се подготвуваат за нов почеток во шестата лига, Регионал 1 (првиот натпревар во сезоната е на 17 октомври).

Еден човек кој би можел да помогне е поранешниот фудбалер на Бордо, Беноа Тремулинас (40). Левиот бек помина низ младинскиот систем на Бордо и беше дел од шампионската генерација во 2009 година.

Седум години по повлекувањето од фудбалот, тој повторно би можел да ги облече копачките бидејќи бесплатно ѝ ги понудил своите услуги на управата на клубот.