Трикот со шнола за коса ги освои социјалните мрежи: Велат дека лекува главоболка, а еве што мислат лекарите

Точка

07/10/2026

18:17

510

Големина на фонт

а а а

Трикот со шнола за коса стана вирално решение за главоболка. Еве што велат лекарите за оваа метода и нејзините ограничувања.

Кога ќе ја почувствувате онаа добро позната, пулсирачка болка во главата, веројатно ви е преку глава од класичните совети за лекови, спиење и пиење литри вода. Ако ова ви звучи познато, интернетот има нов предлог кој стана вирален – а за кој многумина тврдат дека делува побрзо и поефикасно од лековите против болки.


Според тврдењата на бројни инфлуенсери на социјалните мрежи, брзиот лек против главоболка и мигрена се крие во една обична работа: штипка, односно шнола за коса. Необично е тоа што се става – не на пунџата или на тилот, туку на – веѓата! И за разлика од повеќето сомнителни трендови на интернет, лекарите велат дека оваа метода има одредена основа, но со важни предупредувања.

Невролозите објаснуваат што всушност се случува во нашето тело кога ќе го испробаме овој необичен трик.

Зошто шнолата на веѓата може да помогне кај главоболка?

Во суштина, станува збор за форма на акупресура, древна техника од традиционалната кинеска медицина која се заснова на примена на притисок врз точно определени точки на телото.

„Шнолата врши притисок токму на местото каде што минуваат гранките на тројниот (тригеминален) нерв“, објаснува д-р Фувад Мијан, невролог и клинички неврофизиолог. Овој нерв игра клучна улога во пренесувањето на сигналите за болка кај мигрените. „Тоа му дава нов фокус на вашиот нервен систем, со што практично му го одвлекува вниманието на мозокот од чувството на болка“.

Овој механизам во медицината се потпира на таканаречената теорија на контрола на портата (gate control theory).


„Притисокот врз кожата може да активира конкурентни сензорни сигнали кои привремено ја ублажуваат перцепцијата на болка“, истакнува д-р Џон Стјуарт Хао Деј, невролог со седиште во Манила. „Сигналите за болка патуваат побавно низ нервниот систем од сигналите за допир, притисок и вибрации“.

Едноставно кажано: вашиот мозок во тој момент се фокусира на надворешниот притисок што го создава шнолата, па болката во главата привремено „се потиснува во втор план“.

Иако не е официјално проучуван во клинички студии, овој трик всушност е „домашна верзија“ на многу посложени медицински третмани. Како што објаснува д-р Линет Гогол, невролог, клиничките студии покажале дека контролирана електрична стимулација на тригеминалниот нерв може да ја намали болката, но обичната шнола за коса сепак не е медицински уред за невромодулација.

Ограничувања и предупредувања

Експертите се согласуваат во едно: ефектот, за жал, е привремен.

Вистинскиот момент е клучен: „Овој трик може да помогне кај обични тензиски главоболки и мигрени, но само ако го примените уште на самиот почеток“, вели д-р Мијан. „Ако мигрената веќе е во „полн ек“, шнолата најверојатно нема да ви помогне“.


Ефектот исчезнува со отстранувањето на шнолата: Штом ќе ја тргнете шнолата од веѓата, болката се враќа. Д-р Деј објаснува дека тоа е затоа што шнолата обезбедува исклучиво надворешен сензорен надразнител, а не ја лекува вистинската причина за мигрената.

Може да биде и контрапродуктивно: Кај лицата кои за време на мигрена развиваат алодинија (екстремна чувствителност на кожата на допир), ваквиот притисок може дополнително да ја влоши ситуацијата и да ја засили болката.

Правила за безбедна примена

Ако сакате да го испробате овој трик, лекарите советуваат да се придржувате до неколку строги правила:

Не стегајте премногу: Целта е цврст, но благ притисок – во никој случај не смее да предизвикува болка или да се засекува во кожата.

Ограничете го времето: Д-р Деј препорачува шнолата да не стои на веѓата подолго од 30 минути. Прекумерниот или предолгиот притисок може да ги иритира површинските нерви и парадоксално да предизвика уште полоша главоболка.

Слушајте го своето тело: Ако почувствувате дека од овој трик ви станува уште полошо, веднаш отстранете ја шнолата.

Не е замена за терапија: Ниту еден лекар не препорачува овој тренд да ја замени препишаната терапија, особено ако страдате од тешки, хронични мигрени (кои се јавуваат почесто од 15 дена во месецот).


Што друго навистина помага кај главоболка?

Ако трендот со шнолата не ви звучи привлечно, проверените методи и понатаму остануваат најдобар сојузник:

Ладни облоги: Ставањето ладен облог на челото или тилот докажано го намалува чувството на пулсирање.

Превенција преку рутина: Д-р Гогол нагласува дека редовниот сон, балансираните оброци, хидратацијата и справувањето со стресот се клучни столбови во борбата против мигрените.

Отстранување на предизвикувачите: Избегнувањето на познатите провокатори (како пресилна светлина, бучава, но и одредени намирници и пијалаци, како чоколадо, стари сирења и алкохол) значително ја намалува зачестеноста на нападите.

Интернет-триковите можат да бидат забавни и да помогнат да најдете некои практични или алтернативни начини за привремено ублажување на болката, но ако страдате од силни и упорни главоболки, стручниот преглед кај невролог и проверената медицинска терапија секогаш остануваат на прво место.