За одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Македонија биле потрошени вкупно 340.509.749 денари, за организација на 18 настани во 13 градови низ државата. Деталниот извештај денеска го презентираше владината портпаролка Марија Митева, која соопшти дека Владата добила извештај од 81 страница од компанијата задолжена за организацијата.
Според презентираното, најголем дел од средствата биле издвоени за хонорари на артистите и изведувачите, за што биле потрошени 129.307.500 денари.
„Согласно доставениот извештај, финансиските средства се прикажани во пет основни категории:
Хонорари за артистите и изведувачи: Оваа категорија се однесува на уметничкиот сегмент на програмата и ангажманите на артистите и изведувачите, за кои се прикажани вкупно 129.307.500 денари.
Продукција: Прикажани се 96.272.512 денари. Тука се опфатени продукциските потреби за реализација на програмата. За да се разбере обемот на овој сегмент, неопходно е да се има предвид дека станува збор за настани со различни сценски формати.

Логистички трошоци: Организацијата на национална програма во 13 градови подразбира координација на бројни оперативни активности, транспорт, организациска и техничка поддршка и останати логистички потреби. Овде се прикажани 58.527.037 денари.
Маркетинг: Прикажана е вредност од 2.832.450 денари.
Хонорари за соработници: Прикажани се 53.570.250 денари.
Вкупната вредност на сите пет категории изнесува 340.509.749 денари“, потенцира Митева.
Еден од најголемите проекти бил националниот музичко-сценски караван „Силно светнал ден“, кој опфатил 11 градови, меѓу кои Охрид, Битола, Велес, Крушево, Куманово, Штип, Прилеп, Кичево, Кавадарци, Пробиштип и Скопје. Проектот бил реализиран во копродукција со ОХО продукција.
„Особено важно е што концептот не се потпираше исклучиво на големи меѓународни имиња. Напротив, една од неговите основни определби беше македонските уметници да имаат централно место во одбележувањето на независноста“, кажа Митева.

Централниот настан бил концертот на светски познатиот диџеј Дејвид Гета, одржан на 8 септември на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Според извештајот на Митева, на концертот присуствувале околу 50.000 посетители. Настанот бил реализиран со голема сценска конструкција, ЛЕД-екран долг 32 метри, светлосни и ласерски ефекти и специјализирана опрема за заштита на тревната површина на стадионот.
Таа нагласи дека организацијата на ваквата програма не може да се оценува само преку имињата на изведувачите, туку и преку техничките, продукциските, логистичките и безбедносните барања.
Според неа, особено значајно било тоа што сите настани биле со бесплатен пристап за граѓаните, со што се овозможило пошироко учество во одбележувањето на државниот јубилеј.
„Сметаме дека е особено важно јавноста да добие прецизни и јасни информации. Реализацијата на програма со ваков обем подразбира значителни организациски, продукциски, технички и логистички ресурси.
Финансиската структура треба да се разгледува во контекст на целокупната програма, односно сите 18 реализирани настани, нивната продукциска сложеност, бројот на ангажирани уметници и соработници, како и потребната инфраструктура за нивна реализација“, посочи Митева.
















