[ВИДЕО] Огномет, факели и еуфорија за Артан Груби кој излезе од домашен притвор: Неговата одбрана се оградува од собирот на граѓани

A1ON.MK

14/10/2026

13:15

839

Големина на фонт

а а а

Со огномет, запалени факели и чадни бомби, десетици луѓе синоќа го пречекаа поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, откако тој излезе од куќен притвор во предметот за проневера на државни пари од Државна лотарија.

Груби се појави во друштво на пријатели и соработници, а снимките од настанот покажуваат атмосфера налик на пречек на спортисти по освоен медал или голем успех.

Иако излезе од куќен притвор, против Груби и натаму важат ограничувања поврзани со судската постапка. Судот не ја прифати понудената гаранција со која тој бараше да му биде вратен пасошот. Груби има и забрана да го напушта Скопје додека трае судењето за предметот во кој е обвинет.

„Одбраната на Артан Груби ја информира јавноста дека се оградува од самоиницијативното одржување на собир на граѓани, соседи и пријатели, по повод укинувањето на мерката домашен притвор за Артан Груби по 8 месеци притвор. Собирот беше спонтан, пред домот на Артан Груби, без говори, без пораки, и без политички одбележја. Укинувањето на мерката претставува одлука на надлежните органи во рамките на законски предвидените постапки. Во името на нашиот штитеник, им се извинуваме на сите граѓани кои може да биле вознемирени синоќа од неколкуминутниот спонтан настан, што би можел да создаде погрешна слика во јавноста“, велат адвокатите во соопштението во кое потенцираат дека Груби „не учествувал во организацијата, ниту таа претставува некаков негов политички став или иницијатива“.

„Секое изразување поддршка од страна на граѓани или групи е нивен личен избор и не треба да се поврзува со одбраната. Нашиот фокус останува исклучиво на правните аспекти на предметот, заштитата на правата на Артан Груби и обезбедувањето законита и правична постапка“, вели одбраната.