Вака изгледа новата работа од соништата: Нема ниту канцеларија, ниту шеф, ниту диплома, а заработува 11.700 евра месечно

Супермен

17/10/2026

20:50

2.593

Големина на фонт

а а а

Екнор Синг (22) од Лондон вели дека за да заработи повеќе од 120.000 фунти, односно околу 140.000 евра годишно, му се потребни само мобилен телефон и добра интернет-врска.

Имено, тој е професионален монтажер на онлајн видеа. Клиентите му плаќаат да создава кратки, вертикални видеа за социјалните мрежи, со надеж дека ќе станат вирални.

„Колку повеќе прегледи ќе добие видеото, толку повеќе пари заработувам“, истакнал Синг.

Клиентот, без разлика дали станува збор за моден бренд, музичка издавачка куќа, филмско студио, автор на поткаст или инфлуенсер, има подолго видео што Синг го прегледува. Потоа издвојува делови во траење од 30 до 60 секунди за кои смета дека се најинтересни и ги објавува на Инстаграм, Јутјуб, ТикТок и други платформи.


Целната публика главно се корисници на возраст од 16 до 25 години, а токму некој како Синг треба да има чувство за тоа што ќе го привлече нивното внимание.

Кратките видеа на различни платформи можат да донесат заработка до три долари (околу 2,70 евра) на 1.000 прегледи, па затоа едно вирално видео може да биде многу профитабилно.

Синг се заинтересирал за оваа работа минатата година, кога заработил 300 долари (повеќе од 250 евра) објавувајќи кратко видео од поп-ѕвездата Дуа Липа на Инстаграм.

„Си помислив: Во ред, ова се многу пари само за објавување видео. Веднаш сфатив колку оваа работа може да биде исплатлива“, изјавил тој, пишува Би-би-си.

Сега, како што рекол, заработува најмалку 10.000 фунти месечно, односно околу 11.700 евра.

Тој бара видеа што се смешни, динамични и интересни, како што е снимката од мај минатата година, на која е прикажана реакцијата на Сабрина Карпентер кога некој ѝ згазнал на работ од фустанот на Мет Гала во Њујорк. Не открил кој бил неговиот клиент.

Итан Вимс (24) од Вичита, Канзас, заработува најмалку 1.000 долари месечно од оваа работа, покрај неговата главна работа како снимател. Тој изработува кратки видеа за јутјуберот и автор на поткаст Калеб Хамер, познат по емисијата „Financial Audit“.


Вимс нагласил дека оваа работа му овозможува да работи од дома и да поминува повеќе време со сопругата и едногодишниот син.

„Не сакам типична работа од девет до пет, каде што морам секој ден да одам во канцеларија“, додал тој.

Меѓутоа консултантката за социјални мрежи Лија Хаберман предупредила дека само мал дел од луѓето кои се занимаваат со оваа работа заработуваат добро.

„Ова ја одразува економијата на креаторите на содржини воопшто. Огромното мнозинство заработува малку или воопшто не заработува“, нагласила таа.

Аналитичарот на стриминг-индустријата Девин Неш додал дека лесно може да се потцени времето потребно за постигнување успех.

Тој предупредил дека успешните монтажери мора да „гледаат часови и часови видеосодржини и едноставно да живеат во тој свет“.


Бројни посреднички платформи ги поврзуваат монтажерите на видеа со клиентите, од Редит и Дискорд до специјализирани платформи како „Clipping Culture“, „Vyro“, „Whop и Kick“. Овие платформи им наплаќаат на компаниите кои сакаат да објават оглас за работа.

На листата клиенти на „Clipping Culture“ се наоѓаат „Capitol Records“, „Universal Music Group“ и „HBO Max“. За компаниите, ангажирањето тинејџери или млади луѓе во своите дваесетти години, кои работат од сопствената соба е значително поевтино од традиционалното рекламирање на социјалните мрежи, а веројатно и поефикасно.

Основачот на американската компанија за модуларни куќи „Boxabl“, Галијано Тирамани, проценил дека кратките видеа досега им донеле приближно една милијарда прегледи.

Основачот и директор на „Clipping Culture“, Еван Стенфилд, има 21 година и го започнал бизнисот минатата година, откако ги напуштил студиите на Универзитетот во Канзас.

Тој рекол дека платформата ги поврзува брендовите со повеќе од 340.000 таканаречени „клипери“, односно креатори на кратки видеа од целиот свет.


Зошто кратките видеа се толку популарни?

„Луѓето сè потешко го задржуваат вниманието подолго време“, објаснил тој, додавајќи дека создавањето кратки видеа е „игра за младите“, бидејќи токму тие се најголемите потрошувачи на вакви содржини.

Синг, пак, рекол дека постојано работи на видеа, без разлика каде се наоѓа.

„Можам да бидам каде било. Би можел да заминам на одмор и истовремено да заработувам пари“, заклучил тој.

Фото: Би-би-си


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk