Станови вредни стотици милиони долари, луксузни вили, приватни јахти и соседи меѓу кои се некои од најбогатите луѓе на планетата. Вака изгледа секојдневието во Маретера, новиот луксузен кварт во Монако, која „Форбс“ ја опишува како најскапата населба во светот.
Особено интересно е што овој кварт пред само неколку години воопшто не постоел, бидејќи е изграден на земјиште добиено со насипување на морето.
Маретера се простира на приближно шест хектари долж брегот на Средоземното Море, а нејзината изградба траела 11 години. Проектот бил завршен во декември 2024 година и чинел околу 2,3 милијарди долари.

Иако цените на недвижностите се вртоглаво високи, сите 130 станови и вили биле продадени уште пред завршувањето на градежните работи.
Колку е ексклузивна Маретера најдобро покажува цената на еден од нејзините најскапи станови. Украинскиот милијардер Ринат Ахметов купил петкатна резиденција со 21 просторија во луксузната кула „Ле Ренцо“ за приближно 550 милиони долари.
Според „Форбс“, станува збор за рекордна цена за продажба на станбен недвижен имот. Ахметов платил повеќе од 219.000 долари за квадратен метар, што е значително повеќе од просечните цени дури и во Монако, кој со години важи за еден од најскапите пазари на недвижности во светот.

Ниту останатите станови не се многу попристапни. Одредени недвижности во Маретера се огласуваат по цена од речиси 140.000 долари за квадратен метар. На пример, стан со површина од околу 525 квадратни метри во зградата „Ле Ренцо“ се нуди за 73 милиони долари.
За оние кои не сакаат да купат недвижен имот, постои и можност за изнајмување, но месечната кирија за одредени луксузни станови надминува 130.000 долари.

Монако со децении е омилено место за живеење на богати бизнисмени, славни личности и професионални спортисти. Особено го сакаат возачите на Формула 1, на кои им одговараат локацијата, безбедноста, климата и даночните поволности.
Според „Форбс“, меѓу познатите жители на Маретера наводно се и возачите на Формула 1, Макс Верстапен и Шарл Леклер, кои живеат на спротивни страни од луксузната кула „Ле Ренцо“.

Меѓу сопствениците на недвижности се споменува и британскиот милијардер Џим Ретклиф, косопственик на фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед и еден од најбогатите британски бизнисмени.
Монако, инаку, е дом на најмалку 29 милијардери, чие заедничко богатство се проценува на околу 167 милијарди долари. Една од главните причини поради кои привлекува толку многу богати жители е фактот што повеќето резиденти не плаќаат данок на личен доход.
Маретера настанала како одговор на еден од најголемите проблеми на Монако – недостигот од простор. Малото кнежевство, сместено меѓу Франција и Средоземното Море, речиси и да нема слободно земјиште за нова градба.
Решението било пронајдено во проширување на крајбрежјето. Со насипување на морето било создадено ново земјиште, на кое биле изградени луксузни станбени комплекси, вили, паркови, шеталишта и ресторани.

Една од највпечатливите градби е „Ле Ренцо“, кула со 17 ката, проектирана од познатиот италијански архитект Ренцо Пијано. Зградата е обликувана така што потсетува на брод, а нејзините станови имаат големи стаклени ѕидови со поглед кон Средоземното Море.
Покрај луксузните резиденции се наоѓаат уредени шеталишта, зелени површини, ексклузивни продавници и ресторани. Меѓу нив е и „99 Суши Бар“, ресторан чија локација во Абу Даби е наградена со Мишелин ѕвезда.
Интересно е што купувањето недвижен имот во Маретера не зависело само од парите. Првите купувачи морале да поминат низ личен разговор со претставниците на проектот, кои одлучувале кој може да стане сопственик на стан или вила.
На посредниците и личните асистенти не им било дозволено да ги водат овие разговори наместо потенцијалните купувачи. Целта била да се создаде исклучително ексклузивна заедница, дури и според стандардите на Монако.
Иако сите недвижности биле распродадени пред завршувањето на изградбата, некои од нив веќе повторно се појавиле на пазарот и тоа по значително повисоки цени од оние што ги платиле првите сопственици. Според „Форбс“, одредени станови сега се нудат по цени што се околу 33 отсто повисоки од првичните.

Маретера не е само симбол на луксузот, туку и исклучително профитабилен проект за недвижности. Според финансиските документи што ги анализирал „Форбс“, продажбата на недвижностите донела приходи од повеќе од 6,6 милијарди долари.

Нето-добивката на компанијата задолжена за развој на проектот до крајот на јуни 2025 година изнесувала приближно три милијарди долари, додека Монако остварил повеќе од 1,8 милијарди долари од даноци и концесиски надоместоци.
Проектот го иницирале принцот Алберт Втори од Монако и милијардерот Патрис Пастор, еден од највлијателните тамошни инвеститори во недвижности.