[ВИДЕО] Студенти во Србија отстранија големи транспаренти со натпис „Србија победува“

Макфакс

26/10/2026

20:50

299

Големина на фонт

а а а

Студенти во Суботица вечерва, со помош на алпинисти и граѓани, отстранија три големи транспаренти со натпис „Србија победува“.

Транспарентите биле отстранети од зградата на поранешната Смоленска мелница во населбата Прозивка, која е заштитено културно добро.

Во акцијата учествувал и познатиот планинар од Суботица, Исо Планиќ, а собраните граѓани им дале поддршка со свирежи и факели, додека возачите ги поздравувале со свирење на автомобилските сирени.

Транспарентите биле поставени на зградата кон крајот на јуни, за време на предизборната кампања, што предизвикало остри реакции кај експертите и опозицијата.

Историчарот Ненад Лајбеншпергер од Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата тогаш предупредил дека користењето културни споменици за истакнување политички пораки е недозволиво и спротивно на законот.

Меѓуопштинскиот завод за заштита на спомениците на културата во Суботица не одговорил на прашањето дали била издадена согласност за поставување на транспарентите.

Смоленската мелница, некогаш еден од најважните индустриски објекти во Суботица, има и големо историско и меморијално значење.

За време на Втората светска војна служела како собирен центар од кој Евреите од северниот дел на Бачка биле депортирани во нацистичките логори на смртта.