Поголема група граѓани вечерва се собрала пред редакцијата на „Информер“ таблоид близок до Александар Вучиќ, а дел од собраните потоа влегле во зградата. Главниот уредник на „Информер“, Драган Ј. Вучиќевиќ, за време на емисија во живо тврдел дека станува збор за „заложничка криза“ и ја повикувал полицијата итно да реагира.
„Ќе убијат некого, во зградата има и деца“, велел Вучиќевиќ, тврдејќи дека е само прашање на време кога собраните ќе упаднат во просториите и ќе ги нападнат вработените. Тој исто така тврдел дека луѓето пред зградата се пијани.
Во редакцијата дошло до меѓусебни навреди и вербални расправии со новинарите, а на подот завршиле и компјутери. Дел од собраните одбивале да ги напуштат просториите, додека изгледало дека бројот на граѓани пред зградата се зголемува.
Главниот уредник на „Информер“,Вучиќевиќ, го повикал Илија Срдановиќ, првиот на Студентската листа, да се обиде да ги смири собраните граѓани и да ги повика да се оддалечат од редакцијата.
„Ве молам, повикајте ги да се тргнат“, рекол Вучиќевиќ, на што Срдановиќ му одговорил: „Не ве слушам“, пренесе Н1 Србија.
Во меѓувреме, во редакцијата продолжиле да се слушаат навреди упатени кон Вучиќевиќ.
Еден од граѓаните му порачал: „Те остави на цедило“, додека друг му дофрлил: „Ти дојдоа усташите“.
Ситуацијата се заканувала дополнително да ескалира, а полицијата пристигнала на местото на настанот во обид да воспостави ред. Редакцијата постепено се празнела, но дел од собраните граѓани првично не сакале да ги напуштат просториите.
Вработените во „Информер“ повикале и итна медицинска помош, тврдејќи дека на една нивна колешка ѝ се слошило.
Според информациите на Н1 Србија, граѓаните подоцна ја напуштиле зградата на телевизијата и повторно се собрале во дворот.
Тензиите траат уште од изборната ноќ
„Информер“ уште во текот на денот објави дека Вучиќевиќ добива голем број телефонски повици и закани, откако неговите приватни телефонски броеви биле објавени на социјалните мрежи.
Самиот Вучиќевиќ утрово тврдел дека во текот на ноќта луѓе доаѓале пред неговата куќа, ѕвонеле и викале, со што ги разбудиле неговите деца.
Пред редакцијата на „Информер“ денеска се појавил и Миломир Јаќимовиќ со својот автобус. „Информер“ го обвини дека дошол да ја блокира редакцијата, додека Јаќимовиќ им изјавил на новинарите дека „на сите им подава рака за помирување“ и дека нема сопствен политички план.
„Заложничка криза“ и минатата година
Ова не е првпат Вучиќевиќ протест пред „Информер“ да го нарече „заложничка криза“. Истото го направил и во март 2025 година, кога неколку илјади студенти и граѓани се собрале пред зградата поради начинот на кој „Информер“ известувал за студентските протести.

Тогаш студентите тврделе дека не ја блокираат зградата и дека не ги спречуваат вработените да влегуваат и излегуваат, додека Вучиќевиќ изјавувал дека редакцијата е „заложник“ на демонстрантите. Независни новинарски извори подоцна го оспориле тоа тврдење.
„Информер“ е еден од главните медиумски поддржувачи на Вучиќ
„Информер“ со години е еден од најгласните медиумски сојузници на Александар Вучиќ и неговата власт. За време на овогодишната изборна кампања, особено ја напаѓал Студентската листа и нејзиниот носител Илија Срдановиќ.
Порталот „Раскрикавање“ на почетокот на октомври утврдил дека „Информер“ објавил фалсификуван извод од хрватскиот катастар, со кој на Срдановиќ му била припишана куќа во Хрватска што не е во негова сопственост.

Вучиќевиќ во своите емисии го нарекувал Срдановиќ „бедник“, „олош“ и „човечки гад“, а за време на кампањата изнесувал и низа други обвинувања против него.
По вчерашната победа на Студентската листа и признавањето на поразот од страна на Вучиќ, „Информер“ продолжи да известува исклучително негативно за победниците на изборите, користејќи изрази како „блокадери“ и „екстремисти“.
















