Мислите дека избегнувате шеќер? Дури и солените намирници можат да ве изненадат

Супермен

04/11/2026

08:00

546

Големина на фонт

а а а

Шеќерот не се крие само во бисквитите и чоколадото. Нутриционистката Аалија Нелсон предупредува дека го има и во солената храна во која ретко го очекуваме, како што се преливите за салати, маринадите и сосовите и советува едноставни замени.

„Скриениот шеќер обично значи шеќер во храната за која не очекуваме дека е слатка. Тој сепак се смета во нашиот вкупен внес, дури и кога едвај го забележуваме“, истакнала Нелсон за „Дејли мејл“.

Според неа, засладените сосови и пијалаци што редовно ги консумираме, без да ги земаме предвид, можат да го зголемат внесот на калории и да го отежнат слабеењето. Прекумерното внесување шеќер го зголемува и ризикот од расипување на забите, особено кога слатката храна и пијалаците се консумираат често во текот на денот.


Исхраната во која доминираат слатките намирници остава помалку простор за храна богата со растителни влакна, протеини, витамини и минерали, а долгорочното зголемување на телесната тежина го зголемува ризикот од дијабетес тип 2 и срцеви заболувања.

Сепак, Нелсон рекла дека нема потреба секој оброк да го подготвувате од почеток, ниту пак храната да ви создава чувство на вина. Таа советува да размислите колку често консумирате одредени намирници и дали постои едноставна замена што исто така би ви одговарала.


Кисела краставица 

Киселата краставица има околу 31 грам шеќер на 100 грама, речиси една третина од нејзината тежина. Шеќерот е втор на листата на состојки, веднаш по зеленчукот.

Нелсон предлага да ја замените со свежо исечена краставица, ротквички или кисели краставички без додаден шеќер, или едноставно да користите помала количина, во комбинација со друг зеленчук.

Овесно млеко во кафето

„Ако во кафето додавате засладен овесен напиток со вкус на ванила, шеќерот веќе е во вашата шолја пред воопшто да посегнете по шеќер“, рекла Нелсон.

Таа советува да ги споредите конкретните производи и количината што ја користите, да избирате овесно млеко без ароми и без додаден шеќер и да проверите дали е збогатено со калциум и витамини.


Балсамико крем

Густиот, сладок крем не е исто што и обичниот оцет, а некои производи содржат концентрирана шира од грозје и додаден шеќер.

Поздрава опција е сок од лимон или вински оцет со билки и маслиново масло.

Цвекло од тегла

Цвеклото е богато со антиоксиданти и растителни влакна, но ароматизираните варијанти понекогаш содржат многу додаден шеќер.

Нелсон препорачува обично варено цвекло, зачинето со оцет, чили и билки.


Кечап со помфрит

Класичниот кечап на „Heinz“ содржи 3,4 грама шеќер во порција од 15 грама.

Нелсон предлага варијанта со 50 отсто помалку шеќер и сол.

„Варијантата со намалена количина шеќер може да помогне, но важно е и да внимавате колку кечап користите“, истакнала таа.

Чоколаден милкшејк во шише

Милкшејковите содржат протеини и калциум, но тоа не го поништува присуството на додаден шеќер.

Поздрава опција е обично млеко или млеко со незасладено какао. Доколку не сакате да се откажете од милкшејкот, Нелсон советува да изберете помала порција и потсетува дека не мора да го испиете целото шише одеднаш.


Слатко-кисел сос за пилешко

Слатко-киселиот сос на „Ben’s Original“, кој Нелсон го навела како пример, содржи 14 грама шеќер во порција од 112 грама, при што дел од шеќерот потекнува од доматите и ананасот во сосот.

Како алтернатива, Нелсон предлага да подготвите зеленчук во тава со ѓумбир, лук, оризов оцет и соја сос со намалена количина сол, а за сладост да додадете парчиња ананас.

Сок од портокал за појадок

Сокот од портокал „Tropicana“ нема додаден шеќер, но британските препораки советуваат да се ограничи и природниот шеќер што го содржи овошјето.


Сокот обезбедува витамин Ц и може да биде дел од урамнотежена исхрана, но чашата што ја полниме до врв често е многу поголема од препорачаната порција.

Британската здравствена служба (НХС) препорачува вкупниот дневен внес на овошни сокови и смути да не надминува 150 милилитри.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk