[ВИДЕО] Крузер замина од Камбоџа без 200 патници: горивото стана прескапо

Макфакс

04/11/2026

09:51

348

Големина на фонт

а а а

Крузерот Villa Vie Odyssey рано утринава исплови од Камбоџа, по принудното симнување на повеќе од 200 патници. Нивното патување – за кое платиле десетици илјади долари за да живеат на бродот извесно време – на тој начин нагло заврши.

Сопственикот на бродот, компанијата Villa Vie Residences со седиште на Флорида, минатата недела го прекина патувањето и им наложи на патниците да се симнат во пристаништето Сихануквил. Како причина, компанијата ги наведе зголемените трошоци за гориво – предизвикани од конфликтот во кој е вклучен Иран – и истакна дека натамошното одвивање на патувањето станало прескапо. Со ова заврши патувањето кое требаше да трае 755 дена. Villa Vie Odyssey беше еден од ретките бродови каде што патниците можеа да изнајмат или купат сместување за долгорочен, па дури и траен живот на море.

Вчера, патниците ги зедоа своите последни лични предмети од бродот, иако многумина се сомневаат дека некогаш ќе се вратат. „На бродот останаа уште многу работи што би сакала да ги земам со себе“, изјави Ширин Томас од Вилмингтон, Северна Каролина.

Бродот исплови кон непознатото

Бродот исплови со само околу 50 членови на екипажот, потврди Таинг Сочиткришна, раководител на одделот за туризам во Сихануквил. Тој додаде дека околу 100 патници останале во Камбоџа, додека повеќето други заминале со авион кон различни дестинации во регионот.

Конечната дестинација на бродот сè уште не е официјално потврдена, иако некои патници и сервиси за следење на пловила сугерираат дека тој се упатува кон Сингапур. Мери Ен Демсар, 67-годишна пензионирана наставничка од Онтарио, Канада, потврди дека сопствениците не дале никакви информации во врска со продолжувањето на патувањето.

„Не добиваме никакви јасни информации од сопствениците на Villa Vie за тоа што се случува. Тие не ни кажуваат ништо, па сите информации ги добиваме од љубезните претставници на камбоџанските власти“, рече таа.