[ВИДЕО] Дејвид Швимер го врати култниот црвен џемпер од „Пријатели“: Во новата реклама го бара низ Њујорк

Точка

10/11/2026

12:17

1.207

Големина на фонт

а а а

Актерот Дејвид Швимер, познат како Рос од серијата „Пријатели“, во новата празнична реклама тргнува во потрага по црвен џемпер низ Њујорк, 25 години откако истото парче облека откри еден од најголемите пресврти во серијата.

Рекламата во времетраење од 60 секунди, насловена „The Red Sweater“ (Црвениот џемпер), ја сними модниот бренд „Quince“. Премиерно беше објавена во понеделникот на Јутјуб и Инстаграм. Ова е првата голема кампања на овој бренд со позната личност, а ќе се емитува во САД, Канада и Велика Британија.

На почетокот на рекламата, Швимер седи на клупа во парк и во мало тефтерче црта црвен џемпер, покрај кој стои натписот „Сон бр. 238“. Набргу забележува маж кој носи токму таков џемпер и тргнува да го стигне, но не успева. Истиот џемпер потоа го забележува кај маж на електричен тротинет, кај патничка во жолто такси, па дури и кај мало бело куче, опишува „Metro“.

Кога се враќа на клупата, џемперот како со магија се појавува пред него. Го облекува, но тогаш наидува друг маж кој тврди дека тоа е џемперот од неговите соништа, па Швимер бега со него.


Џемперот што го откри таткото на детето на Рејчел

Во рекламата не се споменуваат „Пријатели“, но таа претставува јасна алузија на епизодата „The One With the Red Sweater“ од осмата сезона, емитувана во октомври 2001 година, која ја режирал токму Швимер.

Во неа, Моника, Фиби и Џои се обидуваат да откријат кој е таткото на детето на Рејчел Грин, а единствената трага им е црвениот џемпер што тој маж го заборавил во нејзиниот стан.

На самиот крај од епизодата, Рос влегува во станот, го забележува џемперот и попатно извикува: „Еј, мојот џемпер!“. Така се открива дека тој е таткото, а публиката во студиото бурно реагира.

„Кога од „Quince“ ми дојдоа со оваа идеја, помислив дека е навистина смешна. На крајот на краиштата, црвениот џемпер и јас имаме долга историја. Овојпат јас го бркам џемперот, а некако сите други веќе го имаат. Дури и кучето“, изјавил Швимер.

Актерот додал дека бил голем обожавател на брендот уште пред да стапат во контакт со него. Според пишувањето на „Variety“, тој учествувал во развојот на кампањата, од сценариото до финалната монтажа.

Џемперот е изработен од монголски кашмир во нова нијанса на црвена боја, а во Велика Британија женскиот модел чини 110 фунти, додека машкиот чини 60 фунти.