На холивудскиот актер му платиле 250.000 долари за да го глуми Тито, а тој дошол и ја нарекол Јованка „селанка“: Броз му бил „мал и дебел“ и воопшто не бил импресиониран од него

Точка

10/11/2026

11:35

1.676

Големина на фонт

а а а

На денешен ден е роден славниот актер Ричард Бартон, кој во еден период, иако бил голема холивудска ѕвезда, глумел и во познатиот југословенски филм „Сутјеска“.

Ричард Бартон беше еден од најзначајните и најавтентичните британски актери на 20-от век. Роден во рударско село во Велс, како дванаесетто од вкупно тринаесет деца, го изодел патот од тешкото работничко детство до самиот врв на светската кинематографија и театарот.

Во текот на шеесеттите години на минатиот век, Бартон бил меѓу најплатените и најбараните актери на планетата, појавувајќи се во бројни култни остварувања, како што се: „Клеопатра“, „Кој се плаши од Вирџинија Вулф?“, „Орлово гнездо“, „Еквус“, кој му донесе и номинација за Оскар, но се појавил и во култното југословенско остварување „Сутјеска“.


Откако Тито дал благослов за снимањето на филмот, продуцентот Поповиќ лично отпатувал во Лондон за да го замоли Бартон да ја прифати улогата.

„Ми рече: „Дајте ми малку време“. Следното утро прифати“, се присетил Поповиќ.

Инаку, самата продукција на филмот чинела неверојатни 3,5 милиони долари, што го прави едно од најскапите филмски остварувања во историјата на Југославија. Од таа сума, Ричард заработил неверојатни 250.000 долари во тоа време.


Пред самото снимање, Бартон со својата сопруга Елизабет Тејлор, на 31 јули 1971 година, пристигнал на Бриони за подобро да го запознае југословенскиот претседател.

„Нè пречека жена со селски изглед и мал маж со голем стомак“, запишал актерот без воздржување. Сепак, Јованка му делувала шармантно и имала „разорна насмевка“, додека Тито, скриен зад затемнетите очила, останал енигма за него – не успеал дури ни да ја види бојата на неговите очи.


Актерот бил особено изненаден од физичкиот контраст меѓу двајцата домаќини. Јованка му изгледала крупна и силна, речиси импозантна, додека Тито, според неговиот опис, бил „мал, нежен и ситен, освен стомакот кој особено се истакнувал“. Неговите чекори биле кратки, а раката што му ја подал на Бартон била „мала и не особено цврста“. Бартон искрено признал дека Тито и неговата сопруга не го импресионирале – ниту со изгледот, ниту со појавата, ниту со држењето.

Сепак, зад тие студени забелешки се криела љубопитност. Бартон, како професионалец, се обидувал да ја „долови“ енергијата на Тито, неговите движења и начинот на говор, бидејќи токму таа средба требало да му помогне што поверно да го прикаже југословенскиот претседател во филмот.


Интересно е и тоа што Бартон имал спротивно мислење од многумина кои тврделе дека Тито бил добар домаќин.

Бартон бил пијан за време на снимањето

Бата Живојиновиќ во едно од многубројните интервјуа што ги дал во текот на животот открил дека Ричард Бартон пиел виски уште од утринските часови, а по пладне веќе не бил способен за ништо.

„Го снимаа само до половина, а продуцентите го држеа за нозете за да не падне“, раскажувал Бата, кој во една сцена, бидејќи актерот многу се нишал, го придржувал околу половината.


„Цело време беше „под гас“. Бараше во вилата во Дубровник да му донесат огромно количество виски „Chivas““, раскажувал Живојиновиќ.

Во своите дневници открил дека Тито всушност му делувал празно и без некоја особена харизма. Иако Ричард Бартон не бил импресиониран од Тито, сепак успеал верно да го долови на големото платно.

Потсетете се на филмот: