Постојат гласови кои не само што пеат, туку раскажуваат приказни, будат спомени и пренесуваат емоции што остануваат долго по последниот аплауз.
Таков е гласот на Павле Камилоски, уметник кој со својот топол и препознатлив вокал, автентична интерпретација и сценска харизма ја доближува магијата на италијанската канцона до македонската публика.
На 4 декември, во големата концертна сала на Македонската филхармонија во 20 часот, Камилоски ќе одржи концерт на кој безвременските италијански мелодии ќе се сретнат со македонската музичка традиција, неговите авторски песни и музиката што оставила длабока трага во неговото уметничко созревање.
Концертот е осмислен како музичко патување низ една љубовна приказна, раскажана преку песни што ги надминуваат јазичните и временските граници. Од романтичните мелодии на Caruso, L'appuntamento, Love in Portofino..., преку македонските евергрини „Убава си како музика“, „Ми вети ти“..., до авторските композиции на Камилоски - секоја изведба носи своја емоција и дел од приказната.

Посебен момент на вечерта ќе биде гостувањето на реномираниот пијанист Дино Имери, a програмата вклучува и музички посвети на двајца исклучителни македонски музички уметници, Тоше Проески и Владо Јаневски, чии песни и интерпретации оставија неизбришлива трага во домашната музичка култура.
Оваа концертна вечер ќе биде реализирана со гудачки оркестар и бенд во живо, под диригентската палка на маестра Дијана Имери Илкоска, надополнети со современо сценско осветлување и внимателно осмислена продукција. Специјални гости на настанот се децата од хорот „Крешендо“ од Тетово.
Од интимни музички моменти до препознатливи италијански ритми што повикуваат на песна и танц, на 4 декември публиката во Македонската филхармонија ќе има можност да биде дел од вечер во која музиката ги спојува Италија и Македонија, носталгијата и сегашноста, личните спомени и универзалните емоции. Зашто, без оглед на јазикот на кој се испеани, најубавите песни секогаш зборуваат на истиот јазик - јазикот на музиката.
Билетите за концертот се достапни на www.karti.com.mk.









